Жители на селата Вишни и Заграчани, струшко, Македонци и Албанци, денеска одржаа мирен протест против, како што рекоа, неконтролираната сеча на шума на планината Јабланица, за што директно ги обвинуваат надлежните институции и Шумското стопанство. Под изговор дека се сече шума од приватни парцели се оголува планината Јабланица, а тешката механизација речиси целосно го има уништено локалниот пат кој води за Горна Белица, истакна локалното население.

-Се сечи деноноќно и се врши транспорт 24 часа, тоа го нема никаде. Работници се користат од Р. Албанија без никаква проверка. – вели Борис Ѓоргоски, жител на с. Вишни.

Ѓоргоски вели дека мештаните во повеќе наврати за проблемот и се пожалиле на Шумската полиција, која, како што тврдат ги посоветувала да се самозаштитат.

-Не упатуваат сами да се заштитиме со оружје, кој има право на тоа? -праша Ѓоргоски.

Локалните жители стравуваат дека интензивната сеча околу познатите извори над селото Вишни, кои се заштитени со закон, може да предизвика ерозија и појава на свлечиште со катастрофални последици.

-Сечата се прави точно над самиот извор, тоа е постојана опасност дождовната и подземните води да се слеат и да направат ерозија, може да дојде и до затворање на изворот. – истакна Ристо Танески.

Додека траеше протестот Вишни го посети група странски туристи. Тие како што истакнаа жителите, се почесто доаѓаат да уживаат во природните убавини на Јабланица, што според нив треба да биде показател во кој правец треба да се движи развојот на регионот.

-Мој предлог до општината и до повисоките инстанци е наместо да се уништува шумата, Вишни и Горна Белица да се стават на  туристичката мапа, да се постават информативни табли во Заграчани, бидејќи тоа се прекрасни места, со ретки природни убавини кои се атрактивни за развој на турзам, за што сведочат се почестите посети на странски гости. – рече Арбен Даути – жител на с. Заграчани.

Мештаните бараат надлежните институции да извршат ревизија на исечената шума на Јабланица, дозволите за сеча да се издаваат во договор со Месната заедница, а наместо шумската полиција во која немаат доверба бидејќи не постапувала по нивните пријави,  да се вработи овластен шумар кој ќе врши контрола на сечата и транспортот на дрва. Во спротивно ќе воведат дежурства и ќе го спречат движењето на камионите на Шумското стопанство.

Претставници на Шумското Стопанство од Струга денеска беа во Вишни но не сакаа да зборуваат пред камера. Ги отфрлија обвинувањата за неконтролирана сеча, посочувајќи дека шумата се сече плански и само во приватни имоти на барање на сопствениците. Тврдат дека изворот над селото Вишни не е загрозен бидејќи 300 метри околу него не се сече шума, а за ноќниот транспорт на дрва ги обвинуваат дрвокрадците.

 

Г.М.