Големата сцена на која утревечер ќе започне јубилејното 20- то по ред издание на фестивалот „Охрид Фест- Охридски трубадури“ е поставена. За прв пат годинава, настапот на бројните изведувачи кои ќе настапат во текот на фестивалските вечери, публиката ќе има можност да го проследи во централното градско подрачје, на современа сцена поставена покрај кејот на езерото, пред хотел Палас.
Организаторите велат дека одлуката бината да се постави токму на оваа локација е со цел фестивалот да се приближи повеќе до граѓаните и гостите во градот.
Од локалната самоуправа информираат дека сцената на „Кеј Маршал Тито“ е поставена со однапред добиена согласност и потребни одобренија од надлежните институции.
Годинава на фестивалот ќе настапат голем број познати музички имиња меѓу кои Ристо Самарџиев, Наум Петрески, Мики Јевремовиќ.Водител на интернационалата вечер ќе биде познатиот македонски поп пејач Зафир Хаџиманов.
„Трубадурите“ ќе бидат отворени со детскиот фестивал „Чунга лунга“, по што ќе следи вечерта на нови ѕвезди. Наредните вечери ќе бидат посветени на фолк-музиката, ќе има и поп-вечер, а фестивалот ќе биде затворен со интернационалната вечер.
Билетите кои чинат 150 денари можат да се набават во „Објектив” и пред влезот на секоја фестивалска вечер.
OhridNews