Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска, на Денот на независноста, со Орден „8 Септември“ ги одликуваше Јордан Плевнеш и Раде Силјан, а постхумно Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски, за нивниот исклучителен придонес во македонската култура, уметност и наука.
Меѓу добитниците на високото државно одликување е Јордан Плевнеш, писател, драмски автор и дипломат, голем промотор на Охрид и основач на Охридската Академија на хуманизмот која од 2007 година ја доделува Светската награда за хуманизам. Тој е одликуван за извонредните достигнувања во литературата и културата, како врвен драмски автор, како и за особениот придонес во македонската дипломатија.
Заблагодарувајќи се за признанието, Плевнеш потсети на два важни моменти од 1991 година. Тогаш од печат излегол првиот независен дневен весник, кој опстојувал 163 дена и чиј иницијатор, меѓу другите, бил и тој, а истата година неговата драма „Еригон“ била изведена на европската сцена во Франција.
Раде Силјан е одликуван за вредните достигнувања во македонската литература и култура како автор и преведувач и за особениот придонес во издавачката дејност.
Примајќи го Орденот, Силјан порача дека признанието го доживува и како потврда дека „македонското слово учествува во градењето на државата“, нагласувајќи дека честа не го издига над другите, туку го задолжува пред нив.
Во своето слово тој упати и силна порака за одговорноста на секоја власт и генерација кон државата.
На избори се добива мандат – не тапија на татковината. Ниту една партија, власт или генерација не е сопственик на Македонија. Ние сме нејзини привремени чувари меѓу оние што ја сонувале и оние што ќе ја наследат, порача Силјан.
Тој нагласи дека самостојноста и независноста имаат датум, но слободата има секојдневје, а како една од најважните мерки за успехот на државата ја посочи иднината на младите.
Најтешкото прашање денес не е што другите мислат за нашето минато, туку дали нашите деца гледаат иднина овде. Држава од која заминуваат децата останува без идно време, рече Силјан, заклучувајќи: „Орденот се носи на градите. Слободата се носи како одговорност“.

Постхумно е одликуван и Мето Јовановски, за исклучителните остварувања во театарската и филмската уметност како актер и режисер. Орденот во негово име го прими неговата ќерка Леополдина Јовановска.
Со Орден „8 Септември“ постхумно е одликуван и Глигор Чемерски, за извонредниот придонес во ликовната уметност и културата како светски афирмиран уметник и творец на монументални дела. Признанието го прими неговата сопруга Рајна Чемерска, која посочи дека е посебна чест што се доделува токму во просторот што го красат неговите мозаици.
Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека петтемина добитници зад себе оставиле дела што не се ограничени на еден жанр, една сцена, една книга или едно време.
Тие создаваа, истражуваа, преведуваа, играа и сликаа, но зад сите тие различни облици на творештво останува нешто заедничко: трага што не исчезнува, порача претседателката.

Денешното одликување е и чин за паметење, истакна Сиљановска-Давкова, честитајќи им на Плевнеш и Силјан и на семејствата на постхумно одликуваните Гега, Јовановски и Чемерски.
OhridNews























