Нова сезона, нов формат, нова среќа и повторно неповторливи возбудувања, како и загарантирана неизвесност во ракометната Лига на шампионите (ЛШ). Поделени во две групи, вкупно 24 екипи ќе се обидат да го симнат владетелот Барселона од европскиот трон. Македонија во Металург и во Вардар и годинава ќе има два претставника во најеминентното ракометно натпреварување, кое постојано трпи иновации и надградувања, па така и годинава ќе се претстави во сосема нов формат.


– Со овој формат имаме повеќе топ-мечеви за екипите од групите А и Б, додека од друга страна, пак, тимовите во групите Ц и Д на некој начин се изедначени и ќе имаат и тие доволен број средби, но и своја шанса преку елиминациите да стигнат до финалето во Келн. Оваа година ЛШ ќе се игра во над 20 држави, а наша цел секако е да го рашириме духот на ракометната лига низ Европа. Но исто така сакаме со проширувањето на лигата да отвориме и нови маркетинг-простори – вели генералниот секретар на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер.

И покрај задоволството на клубовите што се во групите А и Б и кои го сочинуваат кремот од европскиот ракомет, сепак постои и загриженост кај тимовите што доаѓаат од силните лиги како што се Франција и Германија.

Многу е поинаку од минатата сезона. Тоа е одлична вест за тимови што немаат силни мечеви во домашните првенства и ќе можат да се фокусираат во ЛШ. Ќе биде многу потешко за тимовите што доаѓаат од Германија и Франција, но од друга страна, пак, ќе имаме суперинтересни дуели, кои ќе донесат многу неизвесност и квалитетен ракомет. Но ова е систем што ѝ одговара на Барселона. – со насмевка вели Бруно Мартини, претставникот на француски ПСЖ.

Загриженоста од големиот број мечеви ја дели и претставникот на бундеслигашот Некар Левен, Кристофер Монц, тим што пред две сезони триумфира во ЛШ.

Ќе биде доста интересно но неверојатно тешко. Само минатата сезона, со стариот формат од ЛШ, одигравме над 50 меча во сите натпреварувања, со новиот ќе има уште дополнителни, што секако нема да биде воопшто лесно – истакна Монц.

Претставниците на тимовите што доаѓаат од шампионати во кои се фаворити, како Вардар, Загреб и Киелце, се задоволни од новиот систем.

– Се радувам што и годинава во Скопје ќе може да ги нагостиме и да се надигруваме со најдобрите тимови од Европа. Ќе биде тоа ракометно уживање – вели Давор Стојаноски, претставникот на Вардар на ждрепката во Виена.

Со ваквиот нов формат се наѕираат и контурите на една нова ракометна лига, во која во текот на целата сезона би се играле мечеви, смета Анте Анчич претставникот на хрватскиот ракометен првак Загреб.

– Со овој формат добивме две суператрактивни групи, каде што нема слаби противници. Мислам дека ова е добар пат за формирање една професионална европска ракометна лига, што било слично натпреварување како НБА-лига во Америка, каде што играат само најдобрите. Што се однесува до тимовите што играат групите во Ц и Д, и тие имаат пат за да дојдат во групите А и Б, прво низ националните првенства следната сезона, а и оваа година низ мечевите од елиминациите да стигнат на мегдан со реномираните противници – посочи Анчич.

Претставникот на минатогодишниот учесник во завршницата на ЛШ, полски Киелце, кој преку Вардар стигна до Келн, го дели задоволството од новиот формат во ЛШ.

– За нас мечевите со Вардар се од посебно значење поради врската Душебаев, но и поради можноста повторно да одиграме интересни дуели. За нас ваквиот формат од ЛШ е одличен, бидејќи ќе може да одиграме поголем број средби на високо ниво, кои секако ќе бидат привлечни за навивачите – рече Радослав Васиак.

Благодарение на одличниот рејтинг и постигнувањата во изминатите сезони, Металург ќе ја предводи Д-дивизијата, каде што заедно со Скјерн, Мотор Запорожје, Кадетен Баја Маре и еден квалификант ќе се обиде да стигне до осминафиналето.

– Металург доби противници по мера. Секако, сѐ уште е рано да ја коментираме групата, во која многу работи ќе зависат од Металург. Клубот, кој лани го напуштија 17 стандардни репрезентативци, се соочува со сериозен предизвик да направи исчекор и со соодветни засилувања на две-три позиции на постојниот кадар да успее да се врати во ракометната елита – истакна Зоран Цветаноски, генералниот секретар на Металург, кој беше присутен на ждрепката во Виена.

Мирко Постоловски