По две години турнеја шоуто „Лошо Куче“ на извонредниот охридски стендап комичар Никола Тодороски ќе го доживее своето финале на 14 март во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Со ова шоу настапив во театри и центри за култура низ скоро сите градови во Македонија. Шоуто ја достигна својата зрелост затоа што успеав да направам над 200 изведби, како во клубови, така и на голема сцена во Македонска Опера и Балет, сите поголеми стендап фестивали во регионот меѓу кои можам да ги издвојам „Панч“ во Љубљана и „Фестивар“ во Сплит. Со ова шоу имав прилика да настапувам и на нестандардни локации од типот на двата најголеми затвори во државата, КПУ Идризово и КПУ Шутка. Исто така настапував и во склоп на многу хуманитарни настани меѓу кои можам да го издвојам неодамна организираниот настан за дел од луѓето инволвирани во Центарот за Млади ГНЕЗДО – Кочани. Тоа се луѓе кои беа дирекно инволвирани во несреќата како и млади луѓе кои се трудат да помогнат на настраданите, вели Никола.

Изминатите две години Никола Тодороски со шоуто „Лошо куче“ настапуваше и во поголемиот дел од Европа на македонски и англиски јазик.

На интернационалната сцена шоуто ја имаше својата премиера во Љубљана, Хановер, Малме, Гетеборг, Малта, Виена, Линц, Софија, а наскоро следуваат уште неколку настапи во Берлин и Хамбург за кои можат да се купат билети онлајн на мојата веб страница www.nikolatodoroski.com -посочува Никола.

На 14.03.2026 во НУЦК “Григор Прличев“ ќе биде последната изведба на „Лошо Куче“ во Охрид и шоуто ќе биде изведено на визуелно, естетски и квалитативно високо ниво, а истото ќе биде и снимено.

Јас лично во овие две години поминав низ секаков тип на турболенции од семејни и трагедии на блиски, до прекрасни моменти на успех и заедничка радост. Сето тоа мислам дека е фино интегрирано во материјалот кој сакам да го споделам со прекрасната публика овде дома во Охрид. Морам да ја истакнам мојата благодарност на OhridNews за безрезервната поддршка не само за овој проект туку и за сите претходно, рече Никола.

Сите заинтересирани за последната изведба на шоуто “Лошо Куче“ на 14.03.2026 во НУЦК“Григор Прличев“ во 20:00 можат да ги купат своите билети онлајн по промотивна цена од 400 ден., или да резервираат билети на тел: 075 283 066 по цена од 500 ден.

Ги повикувам гледачите да уживаме заедно затоа што комедијата е единственото нешто кое има моќ да ги трансформира работите од лоши во прекрасни! – порачува Никола Тодороски.

Г.М.