Граѓаните на Скопје вечерва палат свеќи на Камениот мост во знак на почит кон трагично загинатиот новинар Никола Младенов.
Новинарот и сопственик на весникот Фокус, Никола Младенов, како што пренесуваат медиумите, загина во сообраќајна несреќа што се случи ноќта кон средата во близина на скопското село Трубарево. Детали за околностите во кои загина Младенов не се соопштуваат, а новинарските екипи вчера можеа да пристапат само на еден километар од местото каде беше пронајдено возилото на Младенов во длапка покрај патот.
Никола Младенов е роден на 10 март 1964 година во Скопје. Кариерата ја почнува како млад актер, но кон средината на 80-тите почнува да работи како новинар во „Млад Борец“. Потоа го основа радиото Либертас, а во 1995 почнува со издавањето на неделниот весник Фокус. Брендот на Фокус, Младенов го градеше цели 20 години. Во 2011 година го основа и дневниот весник „Фокус“. Ќе остане запаметен по неговите новинарски анализи и критичкиот однос кон секоја власт.
Младенов ќе биде погребан денеска на гробиштата Бутел во Скопје.
По повод смртта на новинарот Никола Маладенов, дневниот весник „Фокус“ во денешното бесплатно издание посветува 16 страници на основачот на весникот.