Во опуштена атмосфера исполнета со добра забава, музика, храна и пијалок вработените и менаџментот на фабриката ОДВ Електрик во зоната Струга – Охрид вчеравечер уживаа во дружење со нивните семејства на прекрасна летна забава со која компанијата го одбележа успехот во работењето постигнат изминатиот период.

Истакнати беа многу успешни приказни и примери како може да се напредува со труд и посветеност, но беа потенцирани и можностите кои фабриката ги нуди за кариерен напредок на своите вработени. Искажана беше и благодарност до сите вработени за нивната посветеност, а посебен акцент беше ставен на успехот и напредокот на ОДВ Електрик изминатиов период со воведување на нови процеси во производството и нови технологии, што резултира и со зголемување на бројот на вработени.

После две години пандемија и една година војна во Украина конечно успеваме да се собереме сите. Ова е една средба без повод така наречен летен фестивал, летна забава каде сакавме да се собереме заедно со вашите најмили, вашите мажи, жени и деца да видат каде работите, каде го поминувате поголемиот дел од вашето време. Ако доаѓате дома среќни да знаат каде сте среќни, ако доаѓате дома со проблеми да ви кажат каде да си ги оставите проблемите. За вашиот труд и успех можат најдобро да посведочат околниве полиња. До 2015 година овде беше поле, а ова се сега направено е со вас, за вас и од вас. Не само што е дом на околу 950 професионално и лично исполнети личности, туку овде сите ние работиме и се развиваме според најстрогите светски стандарди за квалитет и успех. Моја привилегија е што смеам да сум Ваш раководител, рече генералниот менаџер на ОДВ Електрик, Огнен Цубалевски, обраќајки им се на вработените.

На свеченоста присуствуваа и еден од сопствениците и раководителите на ОДВ Електрик, Кристијан Вајс, како и Мартин Ерет, генерален управител на ОДВ Електрик.

Последните шеснаесет месеци доведоа до многу промени кај вас како и во целиот свет, а сите вие сте тие што соработувавте, спроведовте и презедовте одговорност за овие промени, рече Ерет. Бројот на вработени во овој краток временски период двојно се зголеми, производните линии беа преземни од Украина и поставени овде. Во употреба беше пуштена втората хала, додаде тој.

Интегриравте колеги од Украина во вашето производство неколку недели. Сите овие успеси не можат да бидат доволно високо оценети кога знаете колку работа има позади овие достигнувања. Но, тоа не беше се. Доколку имало потреба се работеше и во сабота, всушност се работеше речиси скоро секоја сабота. Многу нови процеси беа интегрирани во производството и ставени во функција. Многу клиенти доаѓаа да ја посетат и да извршат аудит во фабриката и сите аудити се завршија со одличен успех. Сето ова мора да се организира и спроведе. Направивте една навистина извонредна работа. Оваа летна забава е можност да се гордееме со она што го постигнавме заедно. Сите вие дадовте придонес оваа фабрика да стане тоа што е денес. Уверен сум дека заедно ќе постигнеме уште повеќе. Имајќи го ова на ум ви се заблагодарувам на сите за вашата работа, поддршка и посветеност, истакна Ерет, заблагодарувајќи им се од име на сопствениците и раководството на ОДВ на вработените, при тоа изразувајќи и задоволство што имаат една ваква „керќа“ во своето семејство.

Вработените имаа можност да ги слушат и успешните приказни на Катарина Рапешовска и Лидија Аврамоска кои пред осум години во ОДВ Електрик започнале со работа на производна лента, а денес се позиционирани на повисоки позиции како резултат на нивната посветеност, труд, но и огромна соработка со другите вработени.

Вие сте ОДВ, а ние овде сме некомплетни без вас. Сега можеме да се заблагодариме на сите успеси што ги имавме изминатиот период. Но, покрај благодарноста за вашата поддршка и напорна работа, сакам да ви кажам дека сум горда што со сите вас заедно победивме еден стереотип. Се научивме меѓусебно да се почитуваме и да соработуваме едни со други. Дозволивте тимот од квалитет да се интегрира меѓу вас, да работиме заедно, да се почитуваме, да учиме многу и да сфатиме што всушност значи да бидеме дел од оваа организација. За тоа има една потврда, а тоа е квалитетно и само квалитетно работење, рече Рапешовска.

За да можеме да ги водиме луѓето по патеката на развој и усовршување потребно е претходно сами да сме го поминале тој пат. Пред неполни девет години почнав со работа во ОДВ Електрик како оператор на производна лента. Со секојдневно учење и желба за работа набрзо станав водич на работна група, потоа и раководител, „првата жена“ во ОДВ Електрик како што би рекол нашиот директор. Ова е моето искуство и јас сум пример за напредок во ОДВ Електрик. Ве охрабрувам сите да го следите мојот пример. Но, сепак тука сум да зборуваме за сите вас, иднината на ОДВ Електрик. Како што растеше производството, така растеше и семејството на вработени во ОДВ Електрик. Сите вие сте столбот и темелите на нашата фирма. Знам како несебично работите како тим и успесите се се поголеми. Ви благодарам што останавте со нас и во оние тешки моменти кога цел свет запре, а ние сплотени ја пребродивме кризата без да отпуштиме никого, додаде Аврамоска.

На 22 годишна возраст веднаш по завршување на факултет во ОДВ Електрик почнал со работа и Благоја Србакоски како сетер, а во моментов работи на позицијата директор на производство.

Изминативе девет години постигнавме многу на што треба да бидеме горди. Пред се поради одлуката да не вработуваме кадар од надвор, туку да инвестираме во растот и развојот на своите вработени. Создадовме околина во која секој еден кој е вреден и кој сака да учи може да напредува. Се соочивме со голем број предизвици, особено минатата година во која покажавме дека нашиот тим е способен да се соочи и прилагоди на било каков предизвик, но не само во делот на производство. Голем напредок постигнавме и во работилницита во која годинава ја градиме првата електрична машина. Формиравме и тим од инженери со кои станавме скоро независни од надворешна поддршка, автоматизиравме и дигитализиравме голем број процеси. Со страст и посветеност што знам дека секој од вас ги поседува немам сомнеж дека ќе постигнеме нови нивоа на успех, додаде Србакоски.

На свеченоста после осум години работа во ОДВ Електрик беше испратена во пензија Снежана Размоска која истакна дека во своето работење имала голема поддршка токму од колешката Лидија, посакувајќи им притоа и на останатите вработени да си дочекаат пензија.

Размоска доби подарок за спомен и сеќавање, како што и порачаа колегите, само на едно време кое поминало, потенцирајќи дека своите години ги поминала на линијата DBS6 DBS4 и тука баш и најмногу ќе недостасува. Во говорот посветен на неа беше истакнато дека убаво е да се знае дека кога некаде се почнува со работа се става темел врз кој се гради иднината до пензионирање.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски