Напаѓачот на Свонси, Бафетимби Гомис, кој во средата на натпреварот со Тотенхем колабираше на теренот на фановите и на целиот фудбалски свет му порача дека се чувствува добро. Тој дури по укажаната лекарска помош побарал да се врати на теренот и да продолжи со играта.
„Сакам на сите да им порачам дека се е во најдобар ред. Сето тоа не беше опасно како што изгледаше во првиот момент, јас се чувствувам добро. Бев под голем стрес поради здравјето на мојот татко, поради што многу често сум во Франција. Бев разочаран што не можев да му помогнам на тимот сега се е во ред. Ви благодарам за пораките и вашата поддршка“, порачал Гомис.
Навивачите на „Вајт Харт Лејн“ останаа во шок откако Гомис се сруши на теренот, ситуација која ги врати во март 2012 година кога играчот на Болтон Фабрис Муамба доживеа срцев удар.
Инаку Тотенхем го совлада Свонси со 3:2, а по мечот свој коментар имаше и тренерот на поразената екипа Гери Монк.
„Сè е во ред со Гомис, кога лекарите го изнесуваа од теренот беше комуникативен и сакаше да продолжи да игра. Ние сме свесни за неговата состојба, тоа го знаевме кога доаѓаше од Лион, тоа е дел од неговото минато, но тој ги има минато сите медицински тестови. Тоа е дел од неговиот живот, има врска со нискиот крвен притисок“, рекол Монк.
Она што на Гомис му се случи во Лондон, веќе му се има случувано и претходно во кариерата, три пати колабирал како играч на Лион.
„Макфакс“