Македонската спортска јавност сите погледи ќе ги насочи кон ракометната репрезентација која од 15 до 31 јануари ќе биде дел од Европскиот ракометен крем во Полска. „Црвено жолтите“ по четврти пат ќе бидат дел од континентален собир по учествата во Италија (1998г), Србија (2012г) и Данска (2014г).


– Во ракометот Македонија може да се пофали со настап на Светско и Европско првенство што го нема во ниту еден друг екипен спорт. Што пак доволно говори колку е ракометот ценет и почитуван во нашата земја. – рече Горан Андоновски и додаде за настапот на Македонија на континенталниот собир кој започнува за недела дена. – Европското првенство во Полска е последниот собир на оваа репрезентација предводена од Кирил Лазаров, Наумче Мојсоски, Борко Ристовски и останатите. Убеден и сигурен сум дека сите ќе дадат максимум за што повисок пласман и ова ќе им биде круна на нивните репрезентативни кариери.


Освојувачот на златните медали од последното Европско и Светско првенство и Олимпијадата, Франција, домаќинот на ЕП, Полска и Србија се ривали на Македонија во А групата.

– Реално да гледаме на работите групата е многу тешка. Против фаворитот за златен медал Франција и Полска немаме многу шанси, но пак никако не смее да се предадеме и да играме со бело знаме. Нашата шанса ќе биде мечот со Србија. Србите имаат голем проблем со повредите. Во составот ќе ги немаат предводниците Момир Илиќ и Марко Вујин, а уште неколку ракометари во текот на подготовките испаднаа од повреди. – потенцираше Андоновски.


Според тренерот на охридскиот ракометен клуб кој успешно се натпреварува во Супер лигата македонската селекција ќе биде на голем крстопат по завршувањето на Европското првенство во Полска.

– Носителите на играта на македонската селекција ќе навлезат длабоко во тридесетте години и веќе крајно време е да се размислува што после нив. Ќе треба да изврши добра селекција бидејќи ќе мора во од да се подмлади селекцијата. Да се дадот пасоши на играчи кои ни се неопходни, а не како претходно на ракометари кои не си во рангот на оние што се прва постава. – истакна Андоновски.


Два од трите противници на Македонија во групата А се фаворити за освојувањето на титулата од 16-то издание на Европското првенство во ракомет.

– Сите играат ракомет, а Франција ги освојува титулите. И пак тие се најголеми фаворити, но тука ќе вбројам и Данска која стандардно игра добар ракомет на вакви натпревари и секако домаќинот кој ќе има голема помош од публиката и судиите кои свесно го туркаат напред. Хрватска има добра екипа, но нема да се замеше во борбата за медалите, а некоја друга селекција не гледам за освојување на златниот медал од оние трите кои ги набројав. – заврши Андоновски.

Најчитаниот интернет портал во регионов Ohridnews за време на Европското првенство во Полска директно ќе известува од кафе барот Шила кој организира заедничко следење на натпреварите кои ќе ги игра Македонија.

Михаил Постоловски