Познатиот актер од Охрид Горан Стојаноски, веќе три години го игра ликот на инспектор Томе во најгледаната телевизиската серија кај нас „Преспав“, што неодамна му ја донесе исклучително вредната награда „Златна Буба мара“ за најпопуларен актер во земјата. „Инспектор Томе не е измислен лик. Тој е еден сублимат на многу корумпирани инспектори кои се појавуваат кај нас во државава, што е навистина тажно“, вели Стојаноски. Во разговор за OhridNews тој ја открива тајната на успехот на серијата „Преспав“ која наскоро ќе добие четврто продолжение, критички се осврнува на актуелните случувања во културата кај нас, а зборуваме и за Народниот тетар Охрид и идните планови.

ON: Неодамна добивте вредна награда – „Златна Буба мара“ за најдобар актер во земјата за толкувањето на ликот на инспектор Томе во популарната серија „Преспав“. Колку ви значи оваа награда?

Горан Стојаноски: Кај нас има некоја традиција да се доделуваат наместени награди во принцип, што е голема трагедија. Оваа награда ми е мене многу значајна затоа што на некој начин е заслужена и тоа е видливо по самиот народ. Таа популарност што ми ја донесе тој лик е практично награда од луѓето, по сите параметри, од социјални мрежи до други мерачи на популарност и не можеше да се изостави дека не е така. Многу ми е драго. Многумина ми велат дека и побрзо требало да се случи, но јас велам дека работите се случуваат на време. Она што мене ми значи некое крунисување е благодарноста од луѓето што ја гледаат таа серија и што јас можам да ширам позитивна енергија од малите екрани.

ON: Ве препознаваа едно време како Џемо Биљбиљ, потоа како Ѓоре Шнајдерот, сега како инспектор Томе, која улога ви е најдрага?

Горан Стојаноски: Еднакво ми се сите драги. Ќе ви кажам и зошто. Постојат моменти во животот каде што имате одредена инспирација и тука го правите ликот. Тој лик се појавува и привлекува силно внимание кај луѓето. На некој начин се брендира, како што прво беше со Џемо Биљбиљ, а претходно беше со „Сомнително лице“. Многу луѓе викаат зошто нема еден континуитет, една консеквентност. Јас велам не може тоа така, затоа што ако си инспириран, ако добиваш наплив на енергија, тогаш се случува. Баш и негде читав по некој од порталите: „се појавува на неколку години и прави растур.“ Тоа е моето мото, ако нешто имаш и ако нешто чувствуваш и ако е тоа силно енергизирано тогаш треба да се појави, а не вештачки да се одржува.

ON: Преспав е една од најуспешните тв серии кои што се појавиле кај нас. Најавено е снимање на четвртата сезона, што само по себе говори многу. Како гледате на овој проект, дали очекувавте ваква популарност, на што се должи успехот?

Горан Стојаноски: Искрено не очекував. Првично кога бев повикан на кастинг пред три години кога требаше да се снима првата сезона никој не знаеше кај ќе оди сето тоа. Прв пат почнав да соработувам со „Охо продукција“, луѓето онака сум ги знаел, ама не толку доволно. После неколку месеци од кастингот почна да се снима првата сезона и веќе на самото снимање почувствував дека од ова може да биде нешто убаво прегледувајќи ги првите снимки. Втората сезона беше уште подобра како во естетика, така и во вооиграност на целата екипа, а за третата и да не зборувам. Имаме еден интересен тим. Навистина снимањата се напорни, но забавни. Се формира една екипа од 7-8 актери супер квалитетни кои почнаа да живеат како една фамилија и тоа е за мене еден пример како било кој проект би требало да функционира за да не се распаѓа, што всушност кај нас е еден проблем, а тоа го дефинира менталитетот. Преспав стана тимска игра, една убава другарско – љубовна приказна помеѓу луѓето што работат таму, без суета. Ова можам да го споредам со 93-94 година кога со една аматерска, ексклузивно талентирана екипа го почнавме „Сомнително лице“ и почнавме да го правиме само со кеиф, само со љубов, без да размислуваме дали тоа ќе биде гледано и популарно. Истото тоа чувство се појави и во „Преспав“ каде го толкувам ликот со љубов кон сето тоа. Така да имав некое длабоко чувство, силна интуиција дека ова нешто може да направи, но не очекував дека до оваа мера би можело да влијае врз народот и да стекне толкава популарност.

ON: „Преспав“ не е само популарна хумористична серија. Знае да загребе суптилно по површината од некои општествени случувања кај нас. Веројатно луѓето ги препознаваат пораките?

Горан Стојаноски: Сигурно. Читајќи ги сценаријата пред снимање убаво се гледа дека е на повеќе слоеви пишувано, како што велите вие загребува по некои општествени прашања. Да, загребува и тоа на многу точни места. Практично ја отсликува реалноста, колку всушност нашата реалност е сериозно комична. „Преспав“ е слика на нашето општество во мало, што отприлика се случува и ние со тоа се смееме, затоа што се идентификуваме со реалното живеење, колку да не сакаме да е така, така е. Се доби еден силно квалитетн продукт кој е шармантен и во исто време критички настроен и некако мислам дека со „Преспав“ се воспоставија телевизиски стандарди за квалитет на продукција и серија. Многу луѓе ми велат: немаме видено нешто вакво уште од времето на Чкаља од бивша СФРЈ, каде што тие луѓе воспоставуваа телевизиски стандарди и луѓето се идентификуваа со тоа. Тоа е она што мене најмногу ме импонира во однос на „Преспав“ и екипата што го работи, е дека луѓето, посебно младите почнуваат да живеат со нешто што воспоставува стандард на квалитет на телевизиско живеење имајќи предвид дека толку сме пренатрупани со разни информации, пред се на социјалните мрежи, каде можат да се сретнат некои паметни работи но поголем дел се глупости тешки. „Преспав“ почна да воспоставува некаков норматив за квалитет на игра, квалитет на продукција, режија, висок стандард каде луѓето можат да оценат и проценат дека Македонија може да направи квалитет.

ON: Инспектор Томе е измислен лик? ?

Горан Стојаноски: Инспектор Томе не е измислен лик. Тој е еден сублимат на многу корумпирани инспектори кои се појавуваат кај нас во државава. Тоа е навистина тажно. Има еден збор аннглиски што го дефинира таков вид инспектор со таков менталитет „bastard“. Тоа е многу точно дефинирање на ликот што треба човек да го игра. Тоа го прават американците во ситком сериите. Ти го гледаш и викаш абе овој е „bastard“. Ти него не можеш да го фатиш ви ниеден момент, дошол, наумил да напише казна и да земе некој денар. Илјада закони да напишеш ќе ти најде рачка каде и како. Тоа не е прашање на законски норматив, туку е прашање на менталитет на еден склоп на луѓе кои се корумпирани. И тоа не е само за тој дел од општествената структура, имам впечаток дека тој коруптивен момент, таа матрица која се појавува во главите на луѓето живеејќи во таква средина долги години е „као нормално“. Ако си чесен, настроен да почитуваш вистински стандарди, тогаш нешто не е во ред со тебе. Оттука веројатно тој шарм на инспектор Томе. Вие го гледате него и се смеете иако тој прави незаконски работи, не можеш да му замериш некако. Тука е всушност парадоксот на комичниот момент на ток лик. Тој нема никогаш да те навреди, се што кажува е само за некоја си лична корист.

ON: Многу случувања во нашето општество покренуваат дебати и размислувања. Актуелна последниот период е темата на распределбата на буџетскиот денар во културата околу што се крена голема прашина. Веројатно кога има толку реакции нешто не е во ред, каде грешиме, како да изградиме подобар систем на распределба на јавните пари за кои ќе добиеме вистински квалитет во културата?

Горан Стојаноски: Проблемите се системски, не се на индивидуално ниво. Она што е најголемиот проблем колку и да звучи чудно, е што многу пати сакаме да прикажеме дека работите кои што ги правиме се во ред и дека другите треба да се преправаат дека тоа е така. Не се во ред, некои работи не се во ред. Во однос на програмата на Министерството за култура не можам да коментирам бидејќи ја немам видено, затоа што не се занимавам сега со тоа, но кога кај релевантни чинители во културата во државава има таков револт алудира на некој сериозен проблем. Како е тој проблем настанат лично не можам да ви кажам, затоа што постојат тела и органи кои ги разгледуваат тие програми. Моето лично чувство е дека има некои проблеми, некои отчети. Културата не се гради така, таа мора да биде прецизна. Културата е давање гориво на креативци кои се мотор во нашето општество. Кога тука почнуваат работите да се партизираат со ниски потреби тоа не е во ред. Самото тоа како систем го дерогира целокупното културно живеење и  се случува една сериозна девастација. Јас колку што можам да приметам институции во нашата држава кои со години работат на своите квалитетни програми не се финансирани, па сега нешто ќе се ревидирало, тоа не е добро, дури и малаксува. Прашувам кои се критериумите на финансирање на културата во нашава држава долги години наназад. Кој е тој кој ги поставува критериумите и нормативите? Според мене тоа треба да биде тело составено од личности со висока свест, но како што знаеме кај нас се случува да се поставуваат луѓе на кои им се должат некои работи, тие направиле нешто за партијата или не знам што. Културата не смее да се меша со политиката, партиите треба да си ги работат работите за кои што се стручни. Од немањето свест и немање динстикција во општеството да нема партиски мешања, културата не може да закрепне. А, во овој момент мислам дека тоа не се случува поради што ни се случува културна девастација и некоја чудна духовна малаксаност.

ON: Што се случува во вашата матична куќа Народен театар Охрид, што ви претстои таму?

Горан Стојаноски: Во комуникација со директорот се врши обновување на неколку претстави кои треба да се појават на репертоарот сега и во април. Очекуваме да се почне со работа на детска претстава, како и да се почне проект кој е во националната програма во средината на идниот месец. Очекувам да се гледаат претставите, да се продолжи со репертоарот со одредено темпо, како и продукциски ангажмани за проширување на репертоарот.

ON: Покрај ангажманот во „Преспав“ и на сцената на Народниот театар во Охрид, може да ве видиме и во рекламни кампањи. Актуелна е соработката со специјализираниот салон за продажба на користени возила „Терен ауто плус“ од Охрид.

Горан Стојаноски: Самата популарност повлекува одредени дополнителни активности со одредени компании со кои што може да се соработува. Тоа е на задовлство како на самата компанија, така и за мене, бидејќи е можност за промоција, да се работи нешто и да се остварат подолгорочни контакти што би значеле еден вид соработка со бизнис секторот, што мене ме импонира и ми значи.

Г. Момироски