Македонскиот шампион Вардар, во среда, против БАТЕ Борисов, ќе го одигра реванш натпреварот од второто квалификациско коло во Лигата на шампион.

Вардар во реваншот ќе стартува со негатива од еден гол, белорускиот шампион првиот меч го доби со 3:2, благодарение на головите постигнати во судиското надополнување на времето.

Шефот на стручниот штаб на Вардар, на средбата со новинарите најави дека неговите играчи ќе се обидат да одиграат мудар натпревар и дека ќе знаат да ги искористат слабостите на противникот.

„Фудбалерите кои што го одиграа првиот натпревар видоа дека можат да се носат со тим каков што е БАТЕ Борисов. Оваа екипа шест-седум години константно игра во Лигата на шампиони и Лига Европа, тим со огромен буџет и голем рејтинг во европски рамки. Очекувам дека оние кои ќе истрчаат на теренот ќе го дадат и последниот атом од силите, но очекувам и да бидеме многу мудри, бидејќи БАТЕ Борисов е една многу искусна екипа, која што знае и може да ги казни сите грешки кои можат да се појават на самиот натпревар. Ова се натпревари кои се решаваат со потег или со една грешка“, рече предводникот на Вардар Илчо Ѓорѓиоски.

Според него натпреварот ќе го започнат истите оние 11-мина кои играа и на првиот меч, со само една можна измена и тоа на левата бековска позиција. Алечену има проблеми со визата, доколку не успее да ги среди административните работи до крајот на денот, тогаш на неговото место ќе настапат Цикарски или Бошковски.

Ѓоргиоски е сигурен дека неговите играчи се подготвени да одговорат на предизвикот, изминатите денови работеле на корегирање на грешките кои биле забележани на мечот одигран во Белорусија.

„Се обидовме да ги корегираме сите грешки. На првиот меч ни се случи пад на концентрацијата во последните минути, а и неискуството си го направи своето, работевме со фудбалерите во тој дел. Вклучивме и психолог во овие изминати денови, во работата со тимот, значи се со цел да се отстранат тие „слабости“ кои се појавија“, вели Ѓорѓиоски.

Според него Вардар има сила и знаење да се носи со БАТЕ Борисов, но дека неговите играчи нема безглаво да нападнат, бидејќи контранападот е извонредно силно оружје на  белоруските играчи.

„Доколку нападнеме безглаво, тие ќе бидат многу опасни од тие полуконтри и контри, затоа фудбалерите треба да го препознаат моментот кога треба да се нападне кога треба да се одбранат. Треба да играме мудро и да ја чекаме својата шанса, видовме и на првиот натпревар дека фудбалот додека судијата не означи крај“, заклучи Ѓоргиоски.

Доколку Вардар го мине второто коло, во третото го очекува подобриот од дуелот Скендербег-Дебрецин, предводникот на „црвено-црните“ вели дека двете екипи ќе бидат полесен противник за Вардар од белорускиот шампион.

Натпреварот Вардар-БАТЕ Борисов ќе се одигра на Националната арена Филип Втори, а ќе започне во 20 часот.

“макфакс“
Ohridnews