Фудбалерите на Вардар по двомечот со БАТЕ Борисов ги завршија настапите на европската сцена во сезоната 2012/2013.

Пресудни, за победникот од двомечот, според вардаровиот тренер Илчо Ѓоргиоски, биле последните две минути од првата средба, одиграна во Белорусија. Вардар на тој меч дозволи противникот за помалку од 120 секунди поразот да го претвори во победа.


Белорусите се во предност и со искуството од вакви натпревари, БАТЕ Борисов два пати има играно и во фазата по групи во Лигата на шампиони. Минатата сезона играчите на овој клуб почувствуваа што значи да се игра против Милан и Барселона.

Токму поради тоа тренерот на Белорусите помалку и препотентно рече дека немал сомнежи околу тоа кој тим ќе оди во следното коло.

„Со оглед на тоа што ја контролиравме играта во поголемиот дел од натпреварот, речиси да немав сомнеж дека ќе минеме понатаму. Головите кои што ги дадовме во првиот меч, во судиското надополнување на времето, наголемо ја сменија тактиката која што ја планиравме на овој меч, нема да кажам со каков резултат но сепак имавме големи шанси да победиме и во Скопје“, рече Гончаренко.

Играчите на Вардар не треба премногу да очајуваат по елиминацијата, во само една година по сите турбеленции кои ги имаше клубот, ја освоија титула и во фудбалска Европа, иако одиграа само две средби, се претставија во сосема солидно светло.

Овој Вардар има „штоф“ на момчињата на Ѓорѓиовски им недостасува искуство, веројатно и многу повеќе фудбалска дрскост за да можат рамноправно да се носат со тимовите од Стариот континент.

Забележливо е дека на Вардар му недостигаат уште неколку квалитетни играчи, најповеќе во нападот и редот за врска, дел од теренот каде што БАТЕ Борисов ја доби битката.

„Вардар нема да застане тука, ќе градиме еден Вардар кој што ќе биде компететивен во европски рамки. За да бидеме европски тим ни треба најмалку пола од буџетот кој го има БАТЕ Борисов“, рече Ѓоргиовски.

Двајцата тренери не испуштија да ја истакната атмосферата на стадионот, која ја создадоа 30-те илјади навивачи.

Извор: „Макфакс“