Гориво, најверојатно од оштетен резервоар на товарно возило завршило во зеленилото покрај локалниот пат кај Горица. Местото каде се истурило горивото е влажна површина опкружена со природа и ниви. Во непосредна близина блика вода која се разлева наоколу. На местото се чувствува мирис на нафта, но според надлежните не постои опасност од избивање пожар, ниту по објектите во пошироката околина каде има туристички комплекси и резиденции на претседателот на државата и на владата, што било утврдено од извршениот увид.
-Утврдено е дека горивото било испуштено од товарно возило, по се изгледа без намера и не постои никаква опасност од запалување или самозапалување, бидејќи теренот е влажен, истакна портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.
Увид на местото на настанот извршиле и претставници на општинскиот кризен штаб, од каде потврдуваат дека се работи за гориво од товарно возило. Во близина можеа да се забележат траги од товарно возило. Дополнително ќе се утврдува како горивото истекло и какви последици евентуално предизвикало врз животната средина.
OhridNews