Првата „Охридска софра“, која симболично го означи крајот на летната туристичка сезона, ги исполна очекувањата на организаторите и посетителите.

Вчера, во Скребатно големиот број гости имаа можност да уживаат во прекрасниот амбиент, подготвените ѓомлезиња, традиционалната македонска храна и пијалоци, кои ги подготвија учесниците.

На Ѓомлезијадата која се одржа во рамки на „Охридската софра“ зедоа учество 26 учесници. Жири комисијата одлучи дека трите најдобро подготвени беа ѓомлезињата од натпреварувачите Љубица Китеска, Крсте Кантароски и Љубица Ѓузелоска.

На поставени штандови присутните ги вкусија и подготвените специјалитети од готвачите од охриските ресторани и хотели, како и од студентите од отсекот Гастрономија при Факултетот за туризам и угостителство.

За веселото расположение се погрижија и ансамблот „Билјана јуниор“ и етно групата „Љубојно“.

Манифестацијата се одржа во организација на локалната самоуправа, а со поддршка на министерството за култура, како дел од програмата Топол културен бран.

OhridNews