Kоалицијата за зелена иднина на престојните избори стапува со своја програма пред граѓаните на Охрид. Фокусот, како што посочи на денешната прес конференција носителот на советничката листа, Никола Киселинов го ставаат на граѓаните и нивното учество во секојдневниот живот во Охрид, но и на аспектите на загадениот воздух, водата, почвата, како и транспарентност и отчетност на парите и сите активности што ги презема Советот на град Охрид.

Сведоци сме дека Охрид во последните години станува загаден град, тоа е факт, тоа го покажуваат мерните инструменти и ние како Зелена коалиција, сакаме своето учество во Советот да го подигнеме на едно повисоко ниво, се со цел да се намали што е можно повеќе загадувањето на град Охрид, и при тоа предлагаме неколку мерки: поставување на 4 нови мерни станици покрај секое училиште, се со цел да се прати загадувањето со ПМ честички, во летниот период со прашината или поставување на смарт билборди коишто фаќаат сега и сателитски податоци за загаденоста во нашата држава, вели Киселинов.

Го посочи и проблемот со намалување на нивото на Охридското Езеро за кој рече не се потребни популистички и демагошки предавање од политичарите и од државните институција, туку треба да се посвети поголемо внимање и вклучување на меѓународната заедница во решавање на овај проблем.

Преку телата, институциите на Европската Унија да се бара нашата влада во соработка со грчката и албанската влада да преземат конкретни мерки, доколку постои можност, да се намали намалувањето на водата во Преспанското Езеро. При тоа, сакаме Европската Унија да одржи една меѓународна конференција за овој проблем со водата во Преспанското Езеро, со учество на сите три влади и конкретни мерки, затворање на каналите на албанска и грчка страна, откаде што се испушта водата во Преспанското Езеро. Потоа, депресијата Завер, која што е на албанската страна, кај селото Горица. Во изминатите години имало случаи каде што оваа депресија била со камен ѕид оградувана, се со цел да не се губи водата во оваа депресија. И, конкретно за Охридското Езеро, ќе бараме поништување на договорот со Република Албанија за испуштање на водата од Охридското Езеро за производство на електрична енергија, бидејќи сега живееме во современо време, па можат фотоволтаични централи да се постават, се со цел да го спасиме Охридското Езеро, потенцира.

Вели, за депонијата Буково ингеренции има самата влада, но тие ќе се трудат да го едуцираат населението, да се постават камери на оваа депонија, се со цел да не се пали, да не се загадува околината на град Охрид.

Депонијата Мауцкер е археолошки локалитет. Никако не се согласуваме депонијата Мауцкер да биде претоварна станица, бидејќи тоа е негативен впечаток за развојот на туризмот во градов Охрид, на самиот влез во градот да имаме депонија. Предлагаме за оваа депонија проект кој што ќе го подигне економскиот развој на градот Охрид. Како што спомнав, локалитетот Мауцкер е археолошки локалитет со две решенија од Министерството за култура, една од 1983, другото од 1998 година, и предлагаме за овој локалитет да се отпочни проект со археолошко истражување по принципот на Помпеја 2, да го веќе отвориме тој археолошки локалитет и тој град Хермелеа кој што се наоѓа под самата депонија, на отприлика метар и 40 сантиметри, да се отвори, се со цел да се понуди една нова туристичка понуда на градот Охрид и нормално отворање на нови работни места и економски развој на градот Охрид, истакнува Киселинов.

Бараат и поголемо учество на граѓаните при носењето на урбанистичките планови како и формирање на тело за урбанизам кое ќе биде составено од стручни лица кои ќе водат стручна дискусија и расправа како урбанизмот во градот Охрид да се реализира.

И како посебно тело ќе бараме, јас неколку години и наназад, апелирам на тоа отворање на канцеларија на УНЕСКО во Охрид. Значи ќе бараме отворање на едно вакво тело, формирање на едно вакво тело или канцеларија на УНЕСКО за Охрид, повторно ќе споменам, од стручни лица, од државните институции коишто работат на проблематиката на УНЕСКО и од граѓанските организации и граѓаните коишто живеат во град Охрид. На тој начин ќе го подигнеме нивото на размислување за урбанизацијата на град Охрид.

Сите овие активности коишто Зелената коалиција ги предвидува, додава Киселинов, се со цел да се вклучат граѓаните во решавањето на проблемите кои ги засегаат.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска