Фудбалерите на Манчестер Сити го освоија целиот плен на Олд Трафорд, победувајќи го градскиот ривал Манчестер Јунајтед со 2-0 во дербито од 35-та рунда во Премиер лигата.

Избраниците на Пеп Гвардиола со триумфот избија на чело од табелата во англиската фудбалска елита и со бод предност во однос на Ливерпул ќе ги дочекаат последни три натпревари од сезоната.

Манчестер Сити беше екипата која се закануваше во првиот дел, додека домаќините беа сконцентрирани да ја зачуваат својата мрежа. „Црвените ѓаволи“ успеаја во намерата, но „граѓаните“ сериозно се заканаа и наговестија дека се дојдени по трите бодови.

Задачата гостите од „Етихад“ ја исполнија за 12 минути во второто полувреме. Добриот продор на Стерлинг со погодок го награди Бернандо Силва во 54-та минута. Како асистент за вториот погодок се јави повторно Стерлинг, но овој пат егзекутор беше Лерој Сане во 66-та минута.

Во следната рунда Ливерпул го пречекува Хадерсфилд на домашен терен, а Манчестер Сити гостува кај Барнли.

OhridNews