Изградбата на објектите на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник и проектот на индискиот бизнисмен Субрата Рој кај „Свети Наум“ му се закануваат на Охрид да биде доведено во прашање неговото место на списокот на Светското културно наследство. УНЕСКО кон крајот на септември или во почетокот на октомври ќе испрати специјална комисија од повеќе експерти да провери, испита и документира што се случува во Охрид и околу езерото и колку тоа може да влијае врз статусот на регионот на светската листа, пишува Утрински весник .

– Загрижени сме за она што се случува во Охрид што може да ја намали вредноста поради која градот е ставен на листата на културното наследство на светот. Реагираме кога има големи проекти кои може да влијаат да се намали вредноста на местата“, вели за „Утрински весник“ Петја Точарова, шефица на Одделението за Светското наследство во Европа и во Северна Америка во УНЕСКО.

Точарова вели дека комисијата ќе дојде во Охрид на официјална покана од министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, испратена во почетокот на јуни.

– Во јануари оваа година добивме општо писмо од македонските власти со кое не’ информираа за новиот проект за туристички и економски развој на Охрид. Веднаш одговоривме и побаравме повеќе детали и информации за проектот. Нагласивме дека треба да се има предвид кревката природа на езерото, да се внимава да не се носат одлуки пред да се оцени влијанието на новите проекти врз езерото“, објаснува Точарова. Точарова вели дека експертите од ИКОМОС (кој е партнер на УНЕСКО) веќе ги напишале своите коментари за случувањата во Охрид и тие им биле испратени на македонските власти.

– Добивме информации од официјалните македонски извори, имаме сериозна комуникација со вашата Влада, со амбасадата во Париз и, што е особено важно, со невладиниот сектор. Многу информации добиваме и од обичните граѓани, а и од медиумите. Минатата недела добивме информации од наши колеги, кои работат во други меѓународни културни организации што биле неодамна во Охрид и не’ информираа за тоа што се случува во градот, вели Точарова за Утрински весник.

Бидејќи проектот за луксузниот туристички комплекс е уште во развојна фаза, во УНЕСКО се посебно ангажирани кон она што е веќе во градба – зградите на Плаошник.

– Не се работи толку за црквата на Плаошник, туку за новите згради што треба да се направат околу неа. Ние дадовме коментари за овој проект, дискутиравме со вашите власти. Нашата мисија ќе дојде за да може да се избегнат негативните ефекти врз статусот на Охрид. Всушност, поканата да дојде нашата мисија се однесува за Плаошник. Но, таа комисија од експерти нема да го разгледува само Плаошник, туку и најавите за новиот проект кај ’Свети Наум‘. Околу тоа сме еднакво загрижени“, вели Точарова.

Таа со загриженост ги оценува најавите за големиот комплекс на Индиецот Рој. – Мое лично мислење е дека ваков проект, каков што се најавува да се изгради кај ’Свети Наум‘, ќе се одрази многу негативно на езерото. Ако се изгради тоа што се пишува – големи хотели, казина, пристаниште, тоа ќе го наруши визуелниот изглед на езерото. А за тој природен изглед, за таа убавина Охридско Езеро е на списокот на Светското културно наследство. Друго е кога ќе има природни несреќи, пожар од небрежност, земјотрес, но сосема друго е ако тоа се направи со решение на властите, нагласува Точарова за Утрински весник.