Градежната дозвола за изградба на црквата во Октиси е важечка, одлучил Основниот суд во Струга, јавува телевизијата 24 вести.

Судот утврдил и дека градежните работи за изградба на црква во селото Октиси се веќе започнати. Вештото судско лице утврдило дека темелите веќе биле поставени, дека се извршени и некои додатни градежни зафати, што било сосема доволно да се констатира дека изградбата е почната и дека градежната дозвола нема да истече на 30 септември. 

Во информацијата што ја пренесоа повеќе медиуми, не е наведено дали судот излегол на терен по барање на градоначалникот на општина Струга за изрекување времена мерка за изградбата на параклисот на Св. Димитрија во Октиси. Барањето како што беше образложено, било упатено со цел смирување на меѓуетничките тензии и пролонгирање на рокот на дозволата за градба, која како што првично беше соопштено истекува на 30-ти септември.


Верските лица во обид да ги смират тензиите во Октиси

Почетокот на изградбата на црквата ја проследија инциденти, а во случајот посредуваат градоначалникот на Струга Зијадин Села, митрополитот Дебарско – кичевски Тимотеј и струшкиот муфтија Салим Сулејмани за да се најде заеднички јазик.

OhridNews