Центарот за развој на југозападниот плански регион, утре на 21 ноември со почеток во 12 часот и 30 минути свечено ќе ја пушти во употреба сопствената електрана на ЈОУДГ Планински цвет во општина Вевчани.

Оваа активност е дел од регионалниот проект „Енергетско-ефикасни објекти во југозападниот плански регион„ одобрен од страна на Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој, што се имлементира во тековнава година.

Во проектот се опфатени шест општини со повеќе јавни установи, како градинки, училишта и други објекти врз кои се вршат повеќе интервенции со цел да се подобри енергетската ефикасност на објектите, а за што се издвоени околу 15 милиони денари од Буџетот на РМ за регионалниот проект што го имплементира Центарот за развој на југозападниот плански регион.

Детската градинка во Вевчани е прв јавен објект во југозападниот плански регион, а можеби и во целата држава што добива фотоволтаична инсталација за производство на електрична енергија со што се решаваат дневните потреби на установата. Имено, во ЈОУДГ Планински цвет во Вевчани поставени се 16 панели, кои дневно ќе произведуваат 4 киловати електрична енергија, со што на годишно ниво значително ќе се намалат издвојувањата кон ЕВН за потрошена електрична енергија, односно истите ќе бидат сосем минимални.

Минатата година, преку проект на Центарот за развој на југозападниот плански регион, во детската градина во Вевчани беа инсталирани два системи за топла вода, така што може да се каже дека нивото на заштеди на установата се значајно подобрени. Покрај тоа, подобрени се условите за работа на вработените и на околу 60-тина најмлади кои дневно се згрижуваат во установата.

По повод пуштањето во работа на електраната во детската градинка во Вевчани, обраќање ќе имаат градоначалникот на Општина Вевчани, г-дин Сашо Јанкоски и раководителот на Центарот за развој на југозападниот плански регион, г-ѓа Мирјана Лозаноска.

Проектот „Енергетско-ефикасни објекти во југозападниот плански регион„ се спроведува во општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Кичево и Центар Жупа.

OhridNews