Градоначалничката на Општина Ограџењец од Полска, Ана Пиларцук денеска на градоначалникот од Општина Охрид му предаде писмо и подготвен меморандум за склучување соработка помеѓу двете општини, кој на иницијатива на градоначалничката Пиларцук и претставници на еден од најголемите тур-оператори во Полска, „Рего- Бис“, треба да биде изгласан на седница на Совет на Општина Охрид уште во текот на оваа недела, додека се тие присутни во градот.

Јас се надевам дека оваа соработка нема да остане само добра волја и на хартија, туку дека ќе се продлабочи во иднина. Особено ми е драго што на оваа средба се присутни луѓе од речиси сите области во бизнисот и се надевам дека работата во групи ќе даде посебен придонес и во иднина ќе прерасне во сериозна бизнис соработка со големи потенцијали. Охрид како град сам по себе нуди широка лепеза на области за развој и меѓусебна соработка почнувајќи од туризмот и угостителството како град којшто е лоциран на едно од најстарите природни езера во светот. Но, не е само туризмот, ние како локална самоуправа цврсто се залагаме за развојот на индустријата во градот, и во таа насока имаме изготвено стратегија за привлекување на инвестиции во индустриските зони, истакна градоначалникот Константин Георгиески.

Почнавме да соработуваме со градоначалникот на Охрид и имам надеж дека ќе продолжи таа соработка. Соработката меѓу две општини, пиарот и економско- бизнис секторот се најважниот маркетинг за две општини и ако заедно се претставуваме тоа ќе биде двојно задоволство и двојно повеќе работа. Но, тоа не е најважно во една општина, грижата за своите локални жители е најважното нешто за една општина, истакна Пиларцук.

Во Македонија сме од 2017година. Најголемиот број на полски туристи во Македонија се од нашата фирма. Бизнис во Македонија не е исто како бизнис во Полска, најважно за овој бизнис е да се запознаат културите, начинот на работа и начинот на бизнис во местото каде се пуштаат гостите. Соработката, која засега се одвива во туризмот, е многу важна, и се надеваме дека ќе придонесе и за поголема соработка и во други сфери, потенцираа од „Рего- Бис“
Учесниците на работната средба има отворена дискусија на повеќе теми од интерес на граѓаните на двете општини.
К.А.






















