Градоначалникот Никола Бакрачески, рано утринава, без претходна најава  ги посети охридските јавни претпријатија кои функционираат во рамки на локалната самоуправа, со цел лично да се запознае со работната дисциплина и да изврши увид во работењето на службите.

Градоначалникот Бакрачески при посетата најавил дека доколку се констатираат пропусти или незаконско работење ќе следат санкции, додавајќи дека јавните претпријатија треба да работат во служба на граѓаните и постојано да водат грижа за подобрување на квалитетот на услугите.

– Извршив контрола за да видам колку јавните претпријатија се посветени на обврската да им служат на граѓаните и да одговорат  на нивните работни задачи. Јавните претпријатија треба постојано да водат грижа за подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните на Охрид, а менаџерите рационално да управуваат со секој денар кој го добиваат од жителите на општината. Особено треба да се води грижа за драстично намалување на непродуктивните трошоци како што се трошоците за репрезентации, гориво или патни сметки. Директорите не смеат да се доведат во ситуација како нивните претходници, како што беше случај во ЈП Проаква кога и покрај долг од 10 милиони евра, во периодот јануар- март годинава, од страна на екс раководството за репрезентација биле потрошени 2 милиони денари. Тоа е недопустливо и такво однесување не би се толерирало, изјави градоначалникот Бакрачески по посетата.

Директорите го информирале градоначалникот за актуелните состојби во кои се наоѓаат претпријатијата, долговите кои ги имаат, плановите за нивна санација, како и за планираните и проектите кои се во тек.

OhridNews