На триесеттина граѓани, денес, од страна на градоначалникот Никола Бакрачески, им беа врачени решенија за легализација на бесправно изградени објекти.

Како што истакна Бакрачески, постапката за издавање на решенијата е интензивирана во последните два месеца. Во април и мај, издадени се 128 решенија, а од почетокот на имплементацијата на законот за постапување со бесправно изградени објекти во 2011 година до април, во општина Охрид биле издадени околу 600, од вкупно поднесени 11.320 барања од граѓаните.

– По моја иницијатива беа формирани 20 тимови со по две лица, кои имаа за задача да ги посетат домовите на барателите за легализација, да ги информираат за процесот и да им помогнат во надминување на проблемите со кои се соочуваат, изјави Бакрачески. 

Како што потенцира градоначалникот, граѓаните  најчесто се жалеле на бирократијата на локалната власт, но и барањето мито за да им се споведе или забрза постапката за легализација.Поради тоа, отворена е и посебна канцеларија за граѓаните во врска со процесот на легализација, која е отворена секој понеделник, среда и петок, од 8 до 11 часот.

– Во секој дом доставен е по еден анкетен прашалник. Досега повратно се одбиени 250 пополнати прашалници. Посебна комисија ги разгледува анкетните листови и од нивните податоци ќе произлезат идните насоки за надминување на проблемите на барателите. Процесот ќе се интензивира, а ќе бидат ангажирани и поголем број лица кои директно се вклучени во имплементацијата на постапките за легализација. Секторот за урбанизам е реформиран и од досегашните две, формирани се четири комисии кои работаат исклучиво на забрзување на процесот, рече Бакрачески.

Рокот на имплементација на Законот за постапување со бесправно изградени објекти е 5 години.

Т. Кувенџиска