Вечерва градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, ги посети станарите од опожарената зграда бр. 4 на булеварот „Туристичка“, која од неделата е без електрична енерегија.
Бакрачески истакна дека обврска на локалната самоуправа е да ги застапува интересите на станарите, а утре наутро ќе се преземат координативни активности помеѓу службите во општина Охрид, Секторот за комуналец развој и сообраќај, екипите од Противпожарната служба, Центарот за управување со кризи како и екипите на ЕВН Македонија.
„Сите заедно ќе направиме план на активности кои мора брзо да се преземат за на станарите да им се санираат штетите, пред се да се воспостави електрична инсталација и довод на електрична енергија. Веќе четири дена станарите се без струја и тоа ќе мора најуредно да го решиме со оспособување на инсталацијата која е видно оштетена. Иако не сум експерт по електрика, гледам дека оштетувањата не се едноставни, а тука ќе треба да се преземат поопсежни активности.“ – истакна Бакрачески.
Тој додаде дека локалната самоуправа ќе направи се што е во нејзина надлежност за да им излезе во пресрет на граѓаните кои што живеат во оваа зграда.
„Се надевам дека брзо ќе подготвиме план на активности кој ќе мора веќе од утре да се спроведува со цел станарите да се вратат во своите домови. Во секој случај, локалната самоуправа ќе ги земе во предвид сите околности околу настанатиот пожар,за материјално и финансиски го потпомогнеме санирањето на штетите.“ – додаде Бакрачески.
Поради неподносливата миризба, дел од станарите веќе ги напуштиле своите домови, а повеќето денот го поминуваат во дворот пред зградата.
Инаку, пожарот во оваа зграда изби во неделета навечер од броилата за електрична енергија, по што одекнале силни експлозии. Густ чад веднаш го исполнил влезот и почнал да навлегува во становите кои жителите ги напуштале во паника со крпи на устите. Пожарот бил изгаснат со брза интервенција противпожарната единица од Охрид, која пристигнала со повеќе возила.
О.Т.