Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакраческим ја прифати поканата на Здружението “Богојавление”, и ќе биде кум на големиот верски празник Водици во 2014 година. Тој синоќа оствари средба со претставници на здружението на кои им ја соопштил одлуката, која како што вели ја донел со задоволство.

“Чест и привилегија е да се биде Кум на големиот христијански празник Богојавление-Водици, празник кој најнапред има голема верска и духовна димензија поврзана со традицијата на православниот македонски народ, а истовремено овој свет ден за Охрид претставува презентација на верскиот туризам, како алтернативна туристичка понуда на градот”.- изјави Градоначалникот Бакрачески.

Оваа година, кумството за Водици ќе биде заеднички организирано помеѓу Градоначалникот Никола Бакрачески и познатиот охридски бизнисмен Сашо Симески, кои во приватниот живот се исто така кумски поврзани. Имено, Градоначалникот Бакрачески му е кум на Сашо Симески.

Инаку, градоначалникот Бакрачески потекнува од свештеничко семејство, неговиот прадедо бил свештеник во Манастирот “Света Богородица” во Калишта и еден од оние свештени лица кои и во времето на комунизмот го практикувал осветувањето на водите во Калишта и Радожда.

Традиционално новите кумови на Водици ќе бидат официјализирани на 4 декември напразникот Воведение на Пресвета Богородица-Пречиста.

OhridNews