Градоначалникот Никола Бакрачески и холандскиот амбасадор во Македонија, Вилем Воутер Пламп, денес, го посетија споменикот на познатиот холандски писател и новинар А. ден Долард, најголемиот промотор на Македонија, заслужен за традиционалното холандско-македонско пријателство кое датира од средината на минатиот век.
– За мене претставува голема чест да бидам тука. А. Ден Долард во Македонија е познат од три причини. Како прво, затоа што беше најголемиот амбасадор на Македонија и Охрид во Европа и светот со што успеа да донесе голем број туристи од Холандија во Македонија уште во седумдесеттите години. Втората причина е што тој беше многу добар, независен новинар кој патуваше во сите европски земји, особено во балканските,беше критичар и познат шампион на независното новинарство. Трета причина е што беше голем вљубеник во природата и планините и уживаше во културните и природните убавини на Охрид и околината, рече амбасадорот Пламп.
Градоначалникот Бакрачески изрази задоволство што заедно со холандскиот амбасадор му искажуваат јавна почит на големиот вљубеник во Охрид.
– Искажавме јавна почит кон неговото дело и сето она што го направи за развој на овој крај, пред се за развој на туризмот и промоцијата на Охрид, не само во Холандија, туку и во сите европски земји. Она што тој го направи беше иницијална каписла за развој на туризмот и привлекување на холандските и туристите од Бенелукс, она што денес го имаме на улиците и крај познатите локалитети, слика која не радува- полните хотели и сместувачки капацитети, рече Бакрачески.
Претходно градоначалникот и холандскиот амбасадор остварија протоколарна средба на која беше разговарано за туризмот и актуелните прашања во земјава.
Т.К.













