Со најискрени желби за многу училишни успеси, на сите првооделенци им посакувам среќен почеток на образованието, а на сите ученици им упатувам срдечни честитки за новата учебна година, вели во честитката по повод почетокот на новата учебна година градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Секој училишен ден нека биде ваша нова можност за откривање на светот и запознавање со себе си. Образованието е клучот кој отвора нови врати кон неограничени авантури, а сите вие поседувате моќ да постигнете големи нешта! Верувајте во своите способности и сигурен сум дека ќе ги остварите сите ваши цели. Читајте, пишувајте, истражувајте и растете, а се што ќе научите ќе ве направи посилни и подготвени за иднината. Чекорете смело и развивајте ги вашите таленти и вештини. Споделувајте знаење, поддржувајте се меѓусебно, сонувајте големи соништа и бидете инспирација за другите. Ви посакувам да уживате во секој момент на вашиот образовен пат, а ние секогаш ќе бидеме тука за да ве бодриме и да ве поддржуваме.
Со цел да се подобрат условите за настава и да се создадат можности за поголем напредок во учењето, истакнува Пецаков, во текот на изминатиот период реализирани се низа инвестиции во училиштата.
И оваа година обезбедивме финансиска поддршка за секое прваче и стипендии за сите истакнати ученици. Продолжуваме во континуитет да ги наградуваме и вреднуваме сите големи училишни успеси. Бидете живи и здрави и имајте весела и успешна учебна година!, додава во честитката по повод почетокот на учебната година градоначалникот Пецаков.
OhridNews