Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков за денес најави прес конференција преку која јавноста ќе биде детално запознаена со предметот и целосната документација за како што вели „(не) спорната изградбата“ на хотелот во Лагадин.
Како што информираше во текот на вчерашниот ден Пецаков на својот приватен фејсбук-профил, двапати досега дал негaтивно мислење за претходно дадено одобрение за градба, реагирајќи на излагањето на министерката за култура дека Општина Охрид треба да ја преиспита изградбата на објектот во Лагадин, а до конечната одлука таму да нема активности.
Пецаков додаде дека шест години Oпштина Охрид и градоначниците претходни давале негативно мислење за предметот и шест години второстепената комисија на Министерство за транспорт и врски го враќа на повторно одлучување во Општина Охрид.
Овој пат второстепената комисија, веројатно за прв пат во историја одлучува мериторно за овај предмет и го уважува одобрението за градба од 2015-16 година кое било издадено во тој момент, а покрај мериторната одлука во рок од 2 недели му дава и правосилност на истото, а на нас како општина само ни стигна известувањето без да имаме можност да реагираме, затоа што основот по кој беше поништувано решението за градба сите овие години наназад го падна Министерството заедно со второстепената комисија и на тоа решение е потпишан Благој Бочварски, напиша Пецаков.
Реакцијата доаѓа откако Националната комисија за УНЕСКО на Општина Охрид ѝ препорача повторно да ги разгледа активностите поврзани за изградба на објект на крајбрежјето во Лагадин, притоа водејќи се по препораките од Реактивните мониторинг-мисии на советодавните тела на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и почитувајќи го Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.
Министерката за култура која раководи и со Националната комисија на УНЕСКО исто така и препорача да ја поништи Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, број 08-17370/61 од 22 декември 2022 година и да донесе нова Одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, имајќи предвид дека во Законот управувањето со светското природно и културно наследство е од јавен интерес.
OhridNews