Охрид, најголемиот туристички центар во Република Македонија,  целосно е подготвен за дочек на новата 2013 година. Сместувачките капацитети речиси целосно се исполнети со домашни и странски гости , поради што градоначалнкот Александа Петрески, до  граѓаните, надлежните институции и угостителско- туристички работници , апелира да сторат се за да има весела и безбедна атмосфера за дочек на новата 2013 година.

–  Треба да се грижиме за заштита на  реквизитите кои го прават Охрид, најубаво украсен град  во Македонија, зошто ќе ни бидат потребни и за идните години. Воедно, апелираме да се заштитат и другите  објекти и да се преземат меки против прекршителите, особено против насилниците кои синоќа ја искршија  плочата во „ Паркот на пијателството“, велат од локалната самоуправа.

Додаваат дека од  полицијата очекуваат, поради големиот број домашни и странски туристи, да ги преземе потребните превентивни и активни мерки за безбеден дочек на новата 2013 година.

–  Очекуваме посебно внимание да посветат на спречувањето на употреба на пиротехнички средства, кои можат да предизвикаат повреди кај граѓаните и туристите, се наведува во дописот од локалната самоуправа.

Градоначалникот Александар Петрески, јавно ги поканува граѓаните и туристите на масовниот дочек на новата 2013 година, што ќе се одржи на градскиот плоштад, каде е предвидена забава  и дружење до раните утрински часови, забава за сите оние кои под отвореното охридско небо сакаат да си посакаат здравје, љубов, среќа и желби за бериќетна и просперитетна 2013 година.

OhridNews