Градоначалникот Никола Бакрачески, придружуван од директорите на јавните претпријатија и раководителите на секторите при локалната самоуправа, денес изврши обиколка на локациите каде во тек се градежни работи согласно годишната програма за работа.

Како што нагласи Бакрачески, намерата е на лице место да добие информации од надлежните служби околу интензитетот на изведувањето на градежните зафати.

Извршивме увид  на патот помеѓу Горно и Долно Лакочереј каде во тек е поставување на канализациона мрежа , по што ќе следи и асфалтирање на патот. Ја посетивме улицата „Петрино“ каде беше неопходно поставување на водоводна мрежа, по што ќе се врши тампонирање и асфалтирање. Не можевме да допуштиме да се манипулира со жителите и да се става асфалт врз неподготвена подлога, затоа прво извршивме целосно инфраструктурно комплетирање на улиците, па дури потоа ќе следи ставањето на асфалт .  Слични зафати се вршат и на улица „Крум Точков“. Крајниот рок за завршување на подготвителните активности е 23 октомври, по што ќе следи асфалтирањето на овие три улици, изјави Бакрачески.

Градоначалникот потенцира дека најголемиот дел од градежните зафати сега ги вршат јавните претпријатија, а не како претходно,кога тие биле реализирани од страна на  изведувачи избрани по пат на распишување на тендер.

На овој начин се овозможува поголем прилив на средства во касите на јавните претпријатија со што се овозможува и редовна исплата на платите, рече Бакрачески.

Градоначалникот, директорите и раководителите го посетија и влезот во Охрид, каде несовесни граѓани постојано фрлаат големи количини градежен шут, изврши увид и на местата каде се врши чистење на каналите, а ја посети и улицата „Кеј Маршал Тито“ каде  се врши уредување на тротоарите.Како што потенцира Бакрачески, ваквите обиколки низ Охрид во иднина редовно ќе се вршат најмалку еднаш во текот на месецот.  

Т.К.