Градот Охрид ја модернизира и менува сообраќајната инфраструктура, создавајќи повеќе простор за велосипедистите и пешаците. Само оваа година, во Охрид изградени и обележани се велосипедски патеки во должина од 3,5 километри на улиците „Питу Гули“, „Сирма Војвода“ и „АСНОМ“.
Претходно вакви велосипедски патеки беа изградени на улиците „Димитар Влахов“ и Булевар „Туристичка“ во вкупна должина од 8км. До овој момент изградени се 11,5 км должина велосипедски патеки. Во следниот период се предвидува изградба на уште 7 км велосипедски патеки на улиците „15 Корпус“, „1ва Македонска ударна бригада“, „Марко Цепенков“ и „Момчило Јорданоски“. – информира Локалната самоуправа.


Од Локалната самоуправа велат дека во насока на подигнување на сообраќајната свест реализирани се неколку информативни кампањи, се делеле флаери, а во два наврати општината субвенционираше и купување на нов велосипед.
Сепак тоа не го намалува впечатокот дека се уште постојат проблеми кои треба да се решат за да се подобри безбедноста на сообраќајната инфраструктура, но и нејзината ефикасност.
Кратка тура низ Охрид со велосипед со Вик Каракотски
Во периодот од 01.01.2020 до 31.10.2020 година на подрачјето на Охрид, се случиле 262 сообраќајни незгоди од кои, 22 биле со учесник-велосипедист. Притоа, 14 велосипедисти се здобиле со телесни повреди, 7 со тешки телесни повреди и еден велосипедист го загубил животот, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.
Бројот на незгоди, несомнено ја нагласува потребата од акција за подигнување на свеста за почитување на правилата за безбедно учество на велосипедистите во сообраќајот.
СВР Охрид, во изминатиов период презеде интензивни кампањи со цел подигнување на сообраќајната безбедност во градот, а посебно на велосипедистите како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Сметаме дека, кампањите се потребни и корисни и содржат практични совети за правилно учество на велосипедистите во сообраќајот, за исклучиво користење на велосипедските патеки и за безбедно возење велосипед по десната страна на коловозот или преминување на коловозите од една на друга страна, на места каде нема велосипедска патека. Едукативните кампањи се потребни и за целосно и доследно носење на заштитна опрема за велосипедистите. Тие се одлична алатка за подигнување на јавната свест кај граѓаните за доследно почитување на законските одредби за зголемување на степенот на сообраќајна безбедност на велосипедистите. СВР Охрид и понатаму ќе иницира и спроведува вакви и слични кампањи. – вели портпаролот Димовски.

Што се однесува до инфраструктурата за велосипеди во градот, колку е таа соодветна, дали и какви подобрувања треба истата да претрпи, охридската полиција со став дека на подрачјето на Охрид се зголемува бројот на поставени и означени велосипедски патеки, што е добро за велосипедистите и другите учесници во сообраќајот, пред се за возачите на автомобили. Делот од коловозите наманет за велосипедисти е видливо означен со црвена боја, а на одредени места и со поставени пластични столпчиња, што е добро сообраќајно решение. Велосипедските патеки имаат добра вертикална сообраќајна сигнализација, велат стручните служби во СВР Охрид, кои исто така проблемот го лоцираат во почитувањето на сообраќајните правила од сите учесници, вклучителчно и велосипедистите.
Полициските службеници повремено регистрираат дека одредени лица на велосипед, пред се повозрасните, не ги користат велосипедските патеки и притоа, им укажуваат дека сториле сообраќаен прекршок. Има случаи кога одредени лица возачи на автомобили, со вклучени четири сигнални светла, го паркираат (за кратко) автомобилот на коловоз и зафаќаат дел од велосипедските патеки. Тие се санкционираат во согласност со одредбите на Законот за безбендост на сообраќајот на патиштата, со Законот за возила и другите законски и подзаконски акти. – посочува Димовски.

Г. Момироски
Следно анкетно прашање: Дали е потребна ревизија на Билатералниот договор и законите за утврдување на нивото и мерките за заштита на Охридското Езеро?














