Големото невреме проследено со обилни врнежи од дожд и град со големина на лешник и орев на места, предизвика големи штети во Охридскиот регион. Освен земјоделските култури, домови и инфраструктура, градот предизвика огромна штета и на возилата.

Во периодот од 24 до 26 јуни 2023 година во СВР Охрид, 165 граѓани пријавиле оштетување предизвикано од елементарна непогода и силното невреме проследено со дожд и град што го зафати Охрид. Најголемиот дел од нив, се поврзани со оштетувања на кров и стакла од патнички моторни возила (вдлабнатини на кров и хауба, пукнатини на предно и задно ветробранско стакло), оставени паркирани на јавни површини а помал дел на поплави во домови. – се вели во информацијата на портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, доставена на барање на нашата редакција.

По секоја пријава, од страна на полициските службеници се изготвуваат соодветни записници кои, на оштетените граѓани ќе им послужат за понатамошна постапка пред други надлежни инситуции, појаснува Димоски.

Во меѓувреме се бројат штетите на земјоделските површини во Охрид и Дебрца, каде градот остави катастрофални последици.

Жителите на Општина Охрид настанатите штети од невремето може да ги пријават до 30.06.2023 година (петок). Барањата за пријава на штети се подигаат во архивата на Општина Охрид, а кон барањето задолжително се приложува имотен лист и лична карта, соопшти Локалната самоуправа. Настанати штети може да се пријават само за недвижен имот и за земјоделски култури.

Г. Момироски