Заврши реконструкцијата на градскиот базен „Атина Бојаџи”, за кој се чекаше 10 години за санација информираат од Општина Охрид. Додаваат дека санирани и исфарбани се коритата на олимпискиот и детскиот базен, уредени се и трибините кои беа во распаѓање.

За кратко време се планира отворање на базенот и отпочнување со работа. Најважно е што ќе стартуваат со работа пливачките школи за млади. Ова се прави првенствено за пливачките школи да може да тренираат бидејќи пливањето е еден од најдобрите спотови за развој на нашите деца. Охрид порано бил расадник на млади и успешни пливачи, а нашата цел е тоа да се возобнови, велат во соопштението.

За прв пат после 20 години, најавуваат, Охрид ќе биде домаќин на Државно првенство во пливање, на кое покровител е општината.

Од 15 до 18 јули ќе се организира првенство со што ќе настапат најдобрите пливачи од Македонија, за сите генерации. На тоа првенство ќе можат да остваруваат резултатите кои во иднина ќе може да ги користат за добивање на стипендии и тајминзи за настапи на европски и светски првенства. Во јули отворениот базен „Атина Бојаџи“ ќе биде домаќин и на Меѓународен митинг на кој ќе настапат пливачи од Србија, Бугарија и Македонија, во организација на Пливачкиот клуб „Аква спирит“, потенцираат.

Инаку, реконструкцијата на базенот е инвестиција на Општина Охрид и ЈП „Билјанини извори“, а најавата е дека следната година ќе има дополнителни инвесиции во уредувањето на просторот околу базенот.

OhridNews