По повод акцијата Ден на дрвото, што ќе се реализира по 16- ти пат во земјава, денес, претседателката на советот, Гордана Коњановска, заменик градоначалникот , Ангел Јанев и дел од советниците, засадија стебла од видот лагистремија.

Заменик градоначалникот Ангел Јанев ги повика охриѓани да земат активно учество во утрешната акција и да дадат свој придонес  во раззеленувањето на градот и околината.

–  Упатувам апел до сите  охриѓани, утре да се вклучат во  акцијата , Ден на дрвото- засади ја својата иднина. Сите заедно да бидеме креатори на поубав зелен свет и  со тоа да дадеме придонес  во градењето на чиста животна средина . „Сите заедно да  засадиме  успех“ е мотото на годинешната акција што е доволна потврда дека со нашето  учество  всушност инвестираме во самите себеси, во градењето на подобра иднина, рече Јанев.

Директорката на ЈП „Охридски комуналец“,  Елена Скрческа изрази задоволство од високата свест кај граѓаните во однос на одржувањето на ваквите акции.

– До нашето  претпријатие континуирано стигнуваат барања за садници. Веќе истите ги имаме доставено до охридските училишта и до болницата- објаснува Скрческа.

Утре  во Охрид ќе се пошумува на локалитетот Мауцкер каде ќе бидат засадени  8 000 садници  македонски даб.   Декоративни дрва ќе се садат на булеварот „Св. Наум Охридски“ на просторот  од Билјанини извори до населбата Св. Стефан, на патеката од каналот  Студенчишта до хотел Парк, како и на влезот од Охрид и по булеварот „Туристичка“ .

Во акцијата утре покрај претставници од општината и  од јавните претпријатија  ќе се приклучат  и учениците од основните и средни училишта. За сите заинтересирани граѓани од Охрид е организиран  бесплатен превоз до локалитетот Мауцкер. По еден автобус во 9 и 11 часот ќе тргнува од пред зградата на општина Охрид. По два автобуси во 9 и 11 часот ќе тргнуваат од пред гимназијата „Св. Климент Охридски“ , ДТУ „ Ванчо Питошески“ и ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

OhridNews