Најмладите охриѓанчиња денес традиционално го слават 1-ви април, Денот на шегата. Маскирани и весели, и покрај временските услови, дојдоа на плоштадот „Свети Климент Охридски“ каде годинава во организација на Општина Охрид се одржува „Првоаприлски хепенинг под маски“.

По улиците и чаршијата можат да се забележат бројни суперхерои, принцези, ликови од цртани филмови….насекаде весело расположение, насмеани ликови.

На најшарениот, најрадосниот и најзабавниот настан со свои музички и танцови точки според програмата настап имаат дечињата од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ како и ученици од сите основни училишта од територијата на Општина Охрид.

Градскиот плоштад пулсира во духот на шегата

Инаку, Денот на шегата не е национален празник, но насекаде во светот се прославува како ден кога многумина прават шеги и будалаштини. Денот на шегата се прославува различно во светот. Во Канада, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и Јужна Африка, шегите траат до пладне и оној кој прави трикови после пладне го нарекуваат „априли-ли-ли“ и го исмеваат, додека во Франција, Италија, Јужна Кореја, Јапонија, Русија, Холандија, Германија и други држави, луѓето се шегуваат цел ден.

Н.С.Ј.