Спорт, забава, хуманост го преплавија денеска Градскиот плоштад во Охрид. Традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“. што по 12 пат се одржа во организација на Црвен крст Охрид и Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ и Аптеки „Виа Фарм“, ја разведри атмосферата во дождливиот Охрид, испраќајќи најубави пораки исполнети со детска љубов, солидарност и позитивна енергија.
Акцијата започна со градска трка по улицата Кеј Македонија, за да продолжи со натпревари во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, шах, вртење хулахоп, скокање со јаже, пикадо.
За забавата се погрижија распеаните „Рибарчиња“, а спортскиот дух во ритамот на музиката го одржуваше аеробик сесијата со професорката Кате Бујароска. Презентации на ракометните вештини имаа ракометните школи Вардар-Охрид и Седмерец, шаховските техники ги презентираше шаховскиот клуб Ласкер, а тренинг одржаа и членовите на Охрид трчаТ-детска атлетика.
На градскиот плоштад свое катче имаше и Центарот за развивање животни вештини Бреинобреин-Црвен крст Охрид, каде се промовираше и новата Програма за подготовка на деца за в училиште која во јули стартува во Црвен крст Охрид.


Црвен крст Охрид изразува благодарност до партнерот и сите помагатели и поддржувачи на хуманитарната спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“.
OhridNews












