Група граѓани, кои поседуваат свои имоти во туристичкиот комплекс Св. Стефан упатуваат благодарност до Државниот инспекторат за градежништво за извршената контрола на постапката за донесување и законитоста на Урбанистичкиот план за туристичкиот комплекс “Св. Стефан”, донесен од страна на Советот на Општина Охрид минатата недела со кој е предвидена изградба на хотел.

–    Уште при самата изработка на  Урбанистичкиот план од наша страна беше утврдено дека овој план отстапува од одредбите пропишани за донесување на урбанистички планови, дека е изготвуван спротивно на методологијата и одредбите на законот и дека истиот не е во согласност со намените предвидени во повисокиот акт, односно Генералниот урбанистички план. Нашитезабелешки беа доставени во писмена форма уште при одржувањето на јавната  презентација и јавниотувид, меѓутоа, истите не беа земени во предвид од страна на комисијата, велат тие.

Додаваат дека со усвојувањето на вака изработениот Урбанистички план се врши огромна деградација на приобалниот дел, а истовремено се загрозуваат и нивните имоти кои се наоѓаат во непосредна близина до предметната локација.

– Како непосредни соседи се надеваме дека Советотна општината ќе ја поништи Одлуката за донесување на предметниот урбанистички план и ќе ја преиспита постапката за донесување и законитоста на предметниот урбанистички план согласно дадените насоки , а во интерес на самиот простор и подеднаквото третирање на сите сопственици од овој туристички комплекс, се наведува во дописот на групата граѓани .

Градоначалникот Александар Петрески по обвинувањата од Државниот градежен инспекторат дека при носењето на Деталниот урбанистички план не се почитувале во целост одредбите од  Законот за просторно и урбанистичко планирање изјави дека при носењето на планот биле  запазени  сите законски прописи и дека била обезбедена согласност од сите надлежни институции.

OhridNews