Дел од граѓаните секојдневно се соочуват со низа проблеми, кои ја загрозуваат нивната безбедност во сообраќајот. Многумина како недостатоци по охридските улици ги наведуваат  несоодветно паркираните возила по тротоарите, недоволната хоризонтална и вертикална сигнализација, оштетените успорувачи на брзина, дупките по улиците, односно недостаток од сообраќајни огледала кај непрегледните клучки.

Како што велат жители од улицата „Абас Емин“, најголем проблем за пешаците на овој потег претставуваат паркираните автомобили по тротоарите, со што безбедноста се сведува на многу ниско ниво.

Се работи за улица во централното градско подрачје, каде што се паркира кој каде стигне. И онака малите тротоари се полни со автомобили, а нашите деца се принудени да пешачат диреткно по улицата. Мора да се преземе нешто.“ – велат жители од улицата „Абас Емин“.

Сферни огледала за поголема безбедност

Во изминатиот период, на дел од улиците низ градот беа поставени сферни огледала, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Жителите од „Абас Емин“, сметаат дека вакви огледала се потребни и на обаа улица, односно на споредните улички кои се приклучуваат на главната сообраќајница.

Две-три споредни улички кои директно се вклучуваат на главната, воопшто не се прегледни. Најсоодветно би било да се постават сферни огледала, за да биде попрегледно и за возачите и за пешаците.“ – велат жители од улицата „Абас Емин“.

Отстранети и оштетени успорувачите на брзина

Проблем со успорувачите на брзина со месеци се провлекува на улицата „Абас Емин“. Освен трагите од некогаш поставените „лежечки полицајци“, воопшто не може да се забележи ништо.

На улицава се што беше успорувач на брзина е откорнато и фрлено. На некој очигледно им смета. Надлежните ќе постават, други ќе ги откорнат и така во круг. Мора да се преземе нешто конкретно во таа насока.“ – реагираат нашите сограѓани.

Во идниот период ќе се санираат „лежечките полицајци“

Како што информираа од локалната самоуправа, во тек е тендер за набавка на успорувачи на брзина, кои треба да ги заменат оштетените низ градските улици. Исто така, во идниот период „лежечки полицајци“ ќе бидат поставени и на други улици низ Охрид, за кои дополнително ќе биде утврдено дека е потребна поголема безбедност во сообраќајот.

Жителите од „Абас Емин“ сметаат дека неопходна е санација на улицата, односно соодветно асфалтирање на дупките по сообраќајницата.

„Веќе подолг период улицата е во очајна состојба и мислам дека е најзагрозена. Не би требало да е тоа така, затоа што сообраќајницата претставува еден вид мост помеѓу булеварите „Туристичка“ и „Железничка“. Има доста дупки кои треба да се асфалтираат.“ – велат жители од централното подрачје, во дописот до OhridNews.

O.T.