Во Министерството за транспорт и врски во текот на 2012 година, примени биле вкупно 8.249 барања за поведување на прекршочни постапки од надлежни органи за прекршувања на Законот за јавна чистота.  Најголемиот број поднесени барања се однесувале на сторени прекршоци за недозволено продавање на индустриски производи, фрлање отпушок од цигара на јавна површина и пренесување товар без претходна подготовка (поклопец, односно церада).


 
– Од страна на Комисиите за одлучување по прекршоци донесени се вкупно 1.849 решенија за запирање на постапката поради доставена потврда за извршена општокорисна работа како замена за изречената глоба или доставена уплатница за платена глоба. Поголемиот број на решенијата за запирање на постапката се донесени по доставена потврда за извршена општокорисна работа, информираат од министерството.
 
Согласно Законот за јавна чистота, предвидено е на физички лица да им биде изречена глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност доколку фрла отпадоци, отпушоци и други предмети, односно во ходниците на јавните објекти и доколку на јавни објекти испишува графити, црта или лепи плакати. Субјектите на кои им е изречена санкција за прекршување на законските одредби, можат да одберат порамнување на глобата со извршување на општокорисна работа.
 

OhridNews