Жителите од Стар Град се против продолжување на работното време на угостителските објекти во летната туристичка сезона, за што утре ќе расправа Советот на општина Охрид.

Урбана Заедница 1 Стар Град – Охрид се обрати до Советот со барање за решавање на проблемите, кои, како што се наведува во дописот, произлегуваат од работата на кафулињата кои се наоѓаат во оваа урбана заедница, како и на плажите кои се на потегот од мостот кај каналот Студенчишта кон Парк и сите времени објекти кои се поставуваат во летната сезона.
   
Според граѓаните од оваа населба проблемите настануваат бидејќи не се почитуваат законите од областа на животна средина и просторно планирање- Законот за бучавост и прописите кои го регулираат работно време.

– Ние сите сме заложници на мала група профитери кои вешто ги користат пропустите во системот и им наштетуваат не само на жителите на Стар Град туку и на сите жители на град Охрид и на туристите кои доаѓаат во Охрид заради неговата убавина и културна програма која градот ја нуди во текот на летната сезона.-стои во писмената реакција на жителите од Стар Град.

Граѓаните од оваа населба бараат од советниците работното време на угостителските објекти во стариот дел на Охрид не само да не биде продолжено, туку истото да биде скратено до 23:00 часот на плажите, а сите оние кои исполнуваат услови за работа како ноќни клубови да добијат работно време кое е пропишано со законите, додека законот за бучавост да биде до максимум испочитуван.

OhridNews