Во изминативе неколку години, охриѓани се соочуваат со низа проблеми директно поврзани со сите учесници во сообраќајот. Голем дек од нив, како недостатоци ги наведуваат оштетените успорувачи на брзина, несоодветното паркирање на автомобилите на места кои го попречуваат движењето на пешаците, како и лошата хоризонтална и вертикална сигнализација.

Многумина реагираат дека со месеци наназад, успорувачите на брзина на улицата „Гоце Делчев“ се во очајна состојба, со оглед на тоа што поголемиот дел од ниив се оштетени и целосно откорнати.

Со месеци никој ништо не презема околу „лежечите полицајци“. На нашава улица скоро сите се откорнати. Ваков сличен проблем имаше  во минатото, но откако надлежните ќе ги постават, повторно ќе се најде некој на кој му сметаат.“ – вели жител од населбата „Воска“.

Проблем и на улиците „Галичица“ и „Карпош Војвода“

Сличен проблем се провлекува и на улиците „Галичица“ и „Карпош Војвода“. На едната од нив, освен трагите од некогаш поставените успорувачи на брзина, воопшто не може да се забележи ништо.

Од месец во месец, некој намерно ги ваѓаше успорувачите, за на крај да не остане ништо од нив. Само дупките од штрафовите се оставени. Еве јавно да апелираме до тие што се надлежни, да дојдат на терен, да ја видат реалната ситуација. Тука играат деца, поминуваат пешаци, а возачите „шибаат“ пред наши очи.“ – вели револтиран охриѓанец.

Возачите ги „окупираат“ и тротоарите

Граѓаните реагираат дека на голем број улици низ Охрид, местата наменети за движење на пешаците се „окупирани“ од несовените возачи. Дел од нив стравуваат за својата безбедност, со оглед на тоа што овој проблем се провлекува на доста фрекфентни улици низ градот.

Паркираат кај ќе стигнат, без притоа да имаат барем малку свест за нас мајките, кои треба со децата да пешачиме по улиците. Не мора надлежните да реагираат, но мора барем малку поголема свест да покажат оние кои управуваат автомобил. Зарем воопшто немаат култура и воспитување од дома и гледаат само за себе и своето возило?“ – вели револтирана охриѓанка.

Во идниот период ќе се санираат успорувачите на брзина

Од локалната самоуправа информираат дека во тек е тендер за набавка на успорувачи на брзина, кои треба да ги заменат оштетените низ градските улици. Исто така, во идниот период „лежечки полицајци“ ќе бидат поставени и на други улици низ Охрид, за кои дополнително ќе биде утврдено дека е потребна поголема безбедност во сообраќајот.

О.Т.