Најниската загарантирана плата треба да изнесува повеќе од 15.000 денари, сметаат граѓаните, покажала анкетата на Институтот за социјална демократија „Прогрес“, пренесува „Макфакс“.
За 67 отсто од испитаниците законите во Република Македонија не ги штитат работниците и работничките права.
Две третини од граѓаните во Република Македонија сметаат дека минималната плата треба да важи за сите веднаш, без да има преоден рок за определени дејности.
Во моментот, работниците од дејности со најниски просечни плати, минималната плата од 8.050 денари ќе добијат во 2015 година, а за нив минималната плата изнесува 6.230 денари, што 66,6 отсто од испитаниците, сметаат дека не е во ред.
Само 6 отсто од граѓаните на Република Македонија сметаат дека минималната плата би требало да изнесува меѓу 8.000 и 10.000 денари, додека речиси половината или 43,3 отсто сметаат дека таа треба да изнесува над 15 илјади денари, или 92 отсто од граѓаните сметаат дека минималната плата треба да биде над 10.000 денари за да се има некаков пристоен живот.
Анкетата е спроведена во периодот од 28 до 29 јуни 2012 година, од Институтот за социјална демократија „Прогрес“,телефонски на репрезентативен примерок на национално ниво.
Резултатите од анкетата се подложни на статистичка грешка од +/- 3 отсто.
Анкетата е изработена во рамките на проект „Пристојна работа Балканска мрежа”, поддржан од Европската Комисија, кој се спроведува во пет држави од регионот, а во Република Македонија го спроведува „Прогрес“ Институт.
Во анкетата фокусот бил ставен на законот за минимална плата, а биле опфатени 1.150 испитаници.
извор:„Макфакс“