Дел од граѓаните кои живеат во охридската населба Далјан се жалат дека улицата „Сатеска“ е во многу лоша состојба, откако во неколу наврати била раскопана за поставување на водоводна инсталација и атмосферска канализација.
-Прв пат улицата е ископана во јуни за атмосверска канализација и потоа истата беше закрпена со бекатон плочки, а втор пат беше ископана во октомври за водоводни цевки и промена на инсталации и оттогаш на неа воопшто нема останато асфалт. Тоа особено прави проблем кога времето е врнежливо и улицата е целата прекриена со кал, велат жителите кои се обратија до нашата редакција.
По прекопите на улицата во јуни
По прекопите на улицата во октомври
Од Фондот за комунален развој при општина Охрид велат дека улицата „Сатеска“ е дел од проектот за реконструкција на три улици во населбата Далјан и дека во најскоро време истата ќе биде во функционална состојба.
-Бидејќи сите активности за поставување на атмосферската канализација и водоводните линии се завршени, кога ќе дозволат временските услови на улицата ќе биде поставен и асфалтот, а според предвиденото ќе бидат уредени и тротоарите, велат надлежните од Фондот за комунален развој.
Инаку средствата за реконструкција на улица „Сатеска“ се обезбедени во рамки на заемот од Светска Банка за инфраструктурни проекти, кој го доби општина Охрид. Покрај улицата „Сатеска“ предвидени се и средства за реконструкција на улиците „Трајче Трајчески“ и „Мича Галиќ“ исто така во наслебата Далјан.
OhridNews