За една година услугата преносливост на бројот бележи зголемување од повеќе од 100 отсто, но и покрај зголемениот интерес за оваа услуга од септември 2008 кога и започна да се користи, претплатниците се уште незнаат кон кој оператор вртат.
 
Секојдневно корисниците вртат кон одреден број, а не знаат дали тој корисник е во нивната мрежа или пак го променил мобилниот оператор со што им се зголемуваат трошоците за телефонирање.
 
Од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) соопштуваат дека се работи на софтвер кои преку звучен сигнал ќе ги информира корисниците дека бројот кои го повикале го променил мобилниот оператор.
 
„Очекуваме од септември да започне оваа измена бидејќи во моментов се работи на софтвер заедно со операторите. Тоа ќе биде звучен сигнал кој ќе им дава на знаење на корисниците дека  број кон кој вртат не е во нивната мрежа, туку дека го сменил операторот“, изјави Игор Ангеловски од АЕК.
 
Од 2008 до јули оваа година операторот го смениле, а го задржале истиот број 56.657 корисници во фиксната телефонија и 42.527 во мобилната телефонија.
 
Во однос на истиот месец минатата година услугата преносливост на број во фиксната телефонија има раст од 30.863 корисници и 27.633 во мобилната телефонија, што преставува зголемување од околу 100 отсто во фиксната и 200 отсто во мобилната телефонија.
 
„Од почетокот на услугата преносливост на број до сега во мрежата на Вип оператор се пренесени вкупно 32.562 броја. Според извештајот даден од страна на АЕК од вкупниот број пренесени броеви во мобилната телефонија во 2010 година, во мрежата на Вип се пренесени 75 проценти“, соопштуваат од „Вип“ операторот.
 
Од „Вип“ информираат дека во првиот квартал од 2010 во нивната мрежа се пренесени 1.818 броеви, а во истиот период од оваа година во „Вип“ услугата ја искористиле 5.622 броја, што претставува зголемување од 209 отсто.
 
Од мобилниот оператор „ОНЕ“ истакнаа дека во нивната мрежа има преносливост на бројот и во фиксната и во мобилната телефонија, но поголем дел е преносливост во фиксната телефонија, кои како што велат пред се  должи на новата понуда за пензионери.

OhridNews
извор: “Макфакс“