Уште во ноември минатата година, на иницијатива на Еколошкото друштво „Вилазора“ од Велес во соработка со Движењето на екологисти од Македонија, чија членка е и Еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид, започна постапка со која се предвидува, фабриките-загадувачи да се градат на 5км оддалеченост од населените места.
Иако Владата уште на 19-ти февруари ја извести Државната изборна комисија дека граѓанската иницијатива за измена на Законот на животна средина е уредна, од ДИК ги известиле еколошките друштва дека рокот за собирање потписи поминал.
„Тие сметаат дека времето за собирање потписи поминало, т.е требало да заврши до 22-ри февруари, иако никогаш не ни почнало во практика. Иницијативата е поднесена на 22-ри ноември 2012-та година. Според правниците, спорно е што рокот погрешно ни го пресметале. Како што гласи Законот, рокот почнува да тече 20 дена откако Владата ја известува ДИК за иницијативата. Во Дописот од ДИК се наведува дека тие биле известен од страна на Владата на 19-ти февруари, што значи дека рокот не е завршен, туку треба да трае до 20-ти мај.“ – вели Ненад Коциќ, претседател на ЕД „Вилазора“ од Велес.
Тој додава дека поднесена е претставка на одуката од Државната изборна комисија. „Се надеваме дека ќе ја прифатат бидејќи оваа легална граѓанска иницијатива е веќе одобрена од Собранието на Р. Македонија и Владата на Р.Македонија.“ – додава Коциќ.
Како што потенцираа охридското Еколошко друштво „Грашница“, со измената на член 20 од Законот за животна средина, изградбата на тешка индустрија во градовите ќе стане минато.
Инаку, акцијата е иницирана од актуелниот проблем со топилницата во Велес, а со корекцијата на членот во иднина нема да се повторат истите грешки.
OhridNews