Дали дното има дно во земјава, запраша пратеникот од редовите на СДСМ Митре Вељаноски, пред граѓаните на Охрид кои и вечерва беа дел од Граѓанскиот парламент, одржан пред споменикот „Св. Кирил и Методиј“ во центарот на градот.

Според него, најголем аргумент за недемократското владеење во земјава, претставува последниот извештај на еминентната организација „Репортери без граници“, на која Македонија бележи пад од 82 местa по индексот на слобода на медиумите.

Доколку продолжат овие деца кои владеат веќе седум години, ќе заминеме подалеку од дното. Иванов во 2009-та година, рече дека треба да се поправи тоа лошо 34-то место по слобода на медиумите. Денеска после 4 години, сме на 116-то место, во друштво на Авганистан, Ирак и Еритреја. Целото опкружување е пред нас. Дали со оваа власт имаме перспектива, кога во земјава не владеат законите и демократијата. Тоа ли е татковината за која се бориме и ја носиме во срцата.“ – изјави Вељаноски.

Томислав Тунтев од советничката група на СДСМ, истакна дека со лошата патна инфраструктура, градот не може да привлекува туристи.

Од аеродромот до градот има 100 дупки. Зошто тогаш даваме куп пари за регистрација на автомобилите. Исто се стигнува до Скопје како и пред 20 години. Прв идникатор за степенот на развој на една држава се патиштата. 500 милиони евра лежат во спомениците во Скопје, за умрени луѓе. А пари за живите нема. Сега најдоја Кинези за изградба на автопати, Индијци за хотели, односно инвеститори за ски центар. Ако се сакаше тоа, до сега ќе беше изградена целата инфраструктура.“ – потенцира Тунтев пред охриѓани.

За потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски, 24-ти декември немало да се случи доколку власта го испочитувала деловникот во собранието.

Стана лошо кога власта реши да ги прекрши деловникот, законот и уставот. Охриѓани разбираат дека тоа не смееше да се случи. Ние мораме заедно да им објаснеме на сите, да разберат дека кршењето на уставот е загрозување на човековите права и слободи. Затоа огнот се разгори низ целата земја. После 24-ти, веќе ништо не е нормално. Ги оставија работниците во агонија. Наместо да ги решат проблемите, почнаа да носат странски инвеститори. Тие се добредојдени, но навреда е што инвеститорот кој ќе гради во Љубаништа, не отиде на еден сат кај домаќинот, во чија општина ќе се инвестира.“ – истакна Јовановски.

Инаку, во понеделник од 17:30 часот, ќе се одржи централен протест во Струга, на кој ќе присуствуваат и охриѓани.

OhridNews