Дали тој црн понеделник ќе се заборави во Македонија, запраша пратеникот од редовите на СДСМ Митре Вељаноски, пред граѓаните на Охрид кои и вечерва беа дел од Граѓанскиот парламент, одржан пред споменикот „Св. Кирил и Методиј“ во центарот на градот. Според него, опозицијата со поддршката од граѓаните ќе се бори за иднината на земјата.

Новинарите се совеста на општеството. Доколку ги замолчат, тогаш системот останува без морал. Сакам да ја истакнам и поздравам постапката на писателот Димитар Башески, кој поради револт од она што се случи го напушти Друштвото на писатели од Македонија. Ние како опозиција, со мотото „Но Пасаран“ ќе го браниме уставот и парламентарната демократија во земјава.“ – потенцира Вељаноски.

Потпредетседателот на Сојузот на борци од општините Охрид и Дебрца, Никола Стефаноски, наброја низа настани кои оставија темни дамки во изминатата година.

Зад нас останаа голем број тепачки кои се случија во скопските автобуси. Се палеа не само државните знамиња на земјава и Албанија, туку и црквите во струшко. Наместо да се позанимаваат со овие проблеми,  власта се сврти против борците. На 3-ти декември, вооружените полициски службеници застанаа спроти ветераните од војната. Применија сила против оние, кои ја донесоа денешната слобода.“ – истакна Стефаноски.

Поранешниот новинар Борис Ѓорѓиоски, настанот кој се случи на 24-ти декември го спореди со оние кои се случуваат во Конго и Занзибар.

Сите знаеме што се случуваше во собранието на тој ден. Новинарите беа избркани и оневозможени да ја вршат својата работа. 50 години бев новинар, но не знам дали вакво нешто се случило на овие простори. Она што мене ме загрижува за тој понеделник, е кој ја дал наредбата да се избркаат новинарите. Исто така сакам да ја истакнам таа разединетост меѓу новинарите, која се чини ја има само во земјава. Се повеќе имаме новинари предавници и новинари патриоти. Имаме и такви кои за пари знаат да направат добра статија убаво украсена со лаги, без никаква објективност и одговорност.“ – потенцира Ѓорѓиоски.

Инаку, граѓанскиот парламент се одржува во повеќе населени места во земјава.

OhridNews