Кој ќе сноси одговорност на флагрантното кршење на Уставот за време на случувањата во парламентот на седницата на која беше донесен буџетот за 2013 година, запраша пратеникот Митре Велјаноски пред учесниците во Граѓанскиот парламент, што вечерва се одржа пред споменикот на „Св. Кирил и Методиј“ во центарот на Охрид. Според него, тогаш, грубо биле прекршени Уставот и законите и била суспендирана парламентарната демократија во Македонија.


-Некој треба да одговори зошто го прекршија чл. 8 од Уставот со кој се уредува поделбата на власта, што е една од темелните уставни вредности. Уставот се прекрши со влегување на специјалните единици во Собранието кои ги исфрлија најпрвин новинарите, а потоа и пратениците од работните места.-истакна Велјаноски.


Тој уште запраша кој и зошто го прекрши чл. 64 од Уставот со кој се регулира пратеничкиот имунитет и кој им ги сокри на пратениците од опозициите гласачките картички, кои всушност претставуваат пренесено право на 370.000 гласачи кои својот глас го дале на опозицијата?


Според пратеникот Велјаноски, некој треба да одговара и за суспендирање на јавноста од  работата на парламентот.

-Треба да дадат одговор зошто го прекршија чл. 70 од Уставот со кој се одредува дека седниците на Собранието се од јавен карактер и се одржуваат  во присуство на новинарите. Седниците можат да бидат од затворен карактер само ако за тоа се изјаснат две третини од пратениците, што не беше направено, со што уште еднаш флагрантно беше прекршен Уставот.
-рече Велјаноски.


Покрај во Охрид, Граѓански парламент вечерва имаше и во повеќе градови низ земјата.

OhridNews