Сертификати за грантови во износ од неповратни 185 илјади денари за развивање сопствен бизнис денеска добија 500 невработени лица кои успешно ги поминаа обуките од програмата „Самовработување“. Грантовите ги доделува Министерството за труд и социјална политика, а партнер во реализација на  обуките е Програмата на ОН за развој-УНДП.

Програмата „Самовработување“ се применува од 2007 година и од тогаш преку неа се отворени околу 7.800 мали компании кои почнале со еден вработен, а некои од нив се развиле во стабилни субјекти со пет до 20 вработени.  Тоа, според министерот Диме Спасов, е пример како со малку, но со многу труд и посветеност, може да се оствари замислата за сопствен бизнис. Нагласи дека микро и малите компании се значаен дел од македонската економија и  двигател во отворањето нови работни места.

-Грантовите за самовработување ги доделуваме неколку години и дава успешни резултати. Досега 7.750 компании се формирани само преку оваа мерка. За оваа година имаме обезбедено 207.800.000 денари за финансиска поддршка за основање 920 мали компании. Денеска ја завршуваме првата фаза од грантирањето за самовработување за 2016 година, со тоа што во текот на овој месец очекуваме да се формираат 500 мали компании со финансиска поддршка од Владата на РМ во износ од 185 илјади денари неповратни средства за набавка на опрема и репроматеријали, изјави Спасов. 

По овој, прв циклус, во септември ќе има и втор во оваа година, кој се очекува да заврши на крајот на ноември и да се формираат уште над 400 мали компании, односно повеќе од 900  преку овој проект во 2016 година.

OhridNews