Граѓаните на Охрид и Струга ќе се информираат за пристапот до услугите за користење на бесплатната правна помош. За таа цел, а во насока и на подигање на свеста ќе бидат организирани два настани, утре во Струга со почеток во 9 часот пред градскиот пазар, а во Охрид во недела со почеток во 11 часот пред градскиот пазар.
На презентациите ќе присуствуваат и John Eams – консултантот на Совет на Европа и судија во Велика Британија, како и Victor Zaharia – консултант на Совет на Европа и престедател на Советот за правна помош во Молдавија. Оваа активност е дел од серијата активности за подигање на свеста, поддржани од Европската Унија и Советот на Европа во соработка со Министерството за правда, коишто ќе се одржат во различни региони во државата со цел е да се промовира користењето на бесплатната правна помош, со посебен осврт на ранливите категории, информираат организаторите.
Јавните промоции, потенцираат, ќе допрат до разни локални заедници за да им дадат детални информации на граѓаните за тоа каде и како можат да најдат бесплатна правна помош и кои институции/организации ја даваат.
За време на настанот, учесниците ќе имаат можност да им постават прашања на експерти од областа и да добијат одговори, како и да добијат лесно разбирливи информативни материјали за конкретните теми за коишто може да се побара и добие бесплатна правна помош, вклучувајќи семејно насилство, имотни прашања, дискриминација и социјална заштита, итн, додаваат организаторите.
Оваа иницијатива е организирана во рамките на проектот „ За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ дел од заедничката програма на Европска Унија и Совет на Европа „Хоризонтален Инструмент III за Западен Балкан и Турција“
OhridNews
фото. Архива