Ракометарите на Охрид се победници на 54 издание на Меѓународниот турнир во Струга. Во финалето што се одигра вечерва на ракометното игралиште „Горан Попоски – Бабец“, Охрид славеше во драматичен финиш со 31:30 (15:13) и го одбрани трофејот кој го освои и минатата година.

Двете екипи имаа свои моменти на натпреварот кој се игра во чувствителен период на почетокот од сезоната. И кај двата состави недостасуваа по неколкумина стандардни играчи, но тие што настапија на публиката и приредија вистинско ракометно уживање.

Вардар прв стигна до + 2 што беше и најголема предност на една од екипите во првиот дел. Охрид се врати брзо по неколку одлични одбрани на исто така одличниот Славиќ и расположените Талески и Мате во нападот. До крајот на првиот дел Охрид го презеде водството и на полувреме замина со +2.

Момент од финалето на Меѓународниот турнир во Струга. Филип Талески во акција.

На почетокот на второто полувреме Охрид поведе со 3 разлика, но Вардар брзо се консолидира, ја топеше предноста и го врати мечот во егал. Резултатската клацкалка траеше извесен период. Тогаш на сцена стапи извонредниот вечерва Мартин Ивансоки кој беше нерешлива енигма за одбраната на Вардар, а одлична роља во тие моменти имаше и Саврески со неколку луцидни потези и важни голови. Талески и Јошида го задржаа учинокот, а Мате иако беше добро затворен во второто полувреме беше мирен при изведување на седмерецот во клучни моменти во финишот на мечот. Се од клупата одлично диригираше Борис Ројевиќ.

Дино Славиќ звонреден на голот на Охрид.

Охрид на две минути до крајот имаше +3. Но Вардар успеа да намали на -1, а Охрид го имаше последниот напад. Талески од нетипична позиција мораше да бие, а по конуслтациите на судиите и делегатот, на Вардар по тајмаутот на Чупиќ му останаа 3 секунди, недоволно за враќање во мечот.

Чуварот на мрежата на Охрид Дино Славиќ беше прогласен за најдобар голман, а Мартин Иваноски за најдобар играч.

Охрид и Вардар ќе земат учество на 5 издание на Меѓународниот турнир „Крсте Андоновски“ што почнува во вторник во Охрид, а на почетокот од септември ќе се сретнат и во Супер купот, како најава за новата сезона во ракометната Супер лига, која се очекува да биде крајно неизвесна и израмнета во битката за трофеите.

Г.М.
Фото: Анамарија Момироска